Поддржувам дебата меѓу политика и наука, оти е добра дури и тогаш кога имаат различни ставови, зашто така можат да стигнат до корисни решенија, само искрено ќе замолам ако може да го исфрлат македонскиот идентитет од менито бидејќи, преземајќи нешто или не преземајќи ништо, дозволивме да изгори врз нацистичката клада крената во Нивици. Откажувајќи се од македонскиот идентитет на оние што живеат во Северна Грција, ние му пукавме на нашето вековно битисување во слепоочница. Бугарската нацистичка пропаганда, која никогаш не била одвоена од грчката, сега само продолжува да го сквернави телото што ние го застрелавме. Да, македонската приказна ниту успеале ниту ќе успеат да ја убијат, ама таа ѝ останува на идната македонска популација, откако ќе исчезне нашава, оти ние докажавме дека далеку поважна ни се материјалната страна и формата, па овие идните на кои ќе падне товарот за враќање на суштината, со презир ќе гледаат на нас, велејќи: а бе оние, при очи слепци, дозволија главна водилка да им биде една кретенска флоскула како, „името да не ви ги плаќа сметките“, па се нордистанизираа и не само што не се збогатија туку иденититетски мораа и да го доплаќаат цехот на сопствената кусогледост.
Секако, ниту можам ниту смеам да забранувам нешто, најмалку околу тоа што да дебатираат, затоа само културно замолив, ама, сепак, чисто да им споменам дека политиката, оваа денешната, не само што се плаши да ни ја врати честа застрелана кај езерото, кое можеби, којзнае, и од срам пресушува, туку полека почнува да ја живее нашата смрт како реалполитика, а науката, пак, не само што не беше на ниво на задачата да ја посочува иднината и преку тоа да ја обликува во наша корист туку во голем дел глумеше во филмот „Од дрвото не ја гледаме шумата“, во режија на маестро за специјални војни и ефекти, а во продукција на САД, НАТО и Европската Унија.
И самиот суетен, јас знам дека ова мое просеравање ќе ви ја навреди суетата и стекнатата професионална големина во областа на политиката и науката, оти некој таму шупак од беден и неостварен писател се осмелува да ви трие сол над главата, ама верувајте ми, во мене нема никаква зла намера, освен фрустрации на циничен намќор изморен од седење во идентитетската гасна комора, кој секако смета дека соработка, дебата, па и конфронтации меѓу политика и наука не само што мора да има туку треба и да се засилат, и тоа, за почеток, на пример, да видат каква кривичноправна приказна може да отвориме против Европскиот Рајхстаг од чија говорница врз нас се истури еден тон расистичко и нацифашистичко ѓубре преку чист говор на омраза за каков, во нивните извикани демократски општества, луѓе гнијат по затвори само затоа што нешто слично ширеле на социјални мрежи. Но, уште поважно, оваа комуникација меѓу политика и наука мора да се засили околу домаќински муабети, односно како да се врати во живот она што изминативе години беше девастирано до ниво на социјална, економска, општествена, етичка, образовна, здравствена и културна дистопија.
А мислам дека и со добрососедството од наша страна малку се претера. Разбирам јас и добри намери, и подадена рака, и отворена прегратка, ама за љубов и пријателство е потребно да има хемија од двете страни. Што се однесува до нас, ние, на Грците и Бугарите, никогаш не сме им го оспоруваме идентитетското лудило во кое имаат западнато од денот кога старите европски империи ги создадоа, а покрај тоа, секоја година им го полниме буџетот одејќи им на зимувања и летувања со сета наша посветеност кон хедонизам и зближувања. На тоа, нашите соседи, сто педесет години ни враќаат со наметнување, оспорување, негирање, тортура, етнички чистења, безмилосни пропаганди и други расистички и нацистички испади што кулминираа од собраниската говорница на Рајхстагот, кој за себе сака да мисли дека извезува цивилизациски вредности.
На крајот на краиштата, видете ги потомците на Исмаил и Исак. Од раѓање се мразат, а крвни браќа, од ист татко, две племиња. За Руси и Украинци ич не ми се зборува. Индија и Пакистан, Ерменија и Азербејџан, Грција и Турција, треба ли уште да набројувам? На Балканов имаме мултиналудничава омраза и да, колку и да е меѓубалканската љубов гласна, овие мразачите нè надгласуваат. И што уште? Па, САД и Русија. Откако по Втората светска војна станаа најмадафака воени империи, не запреле да се мразат и да се гледаат низ нуклеарен нишан, а нивниот судир душа ѝ извади на планетава. Не сакам да кажам дека и ние како горенаброениве треба да излудиме од омраза и да се тепаме со соседи, ама може малку да покажеме чест, строгост и лутина спрема оние што не кријат дека сакаат да нè збришат и поништат.
Ете, ги спомнав Израелците и Палестинците, а искрено не сакав, мачно ми е и ред да напишам за она што се случува таму. Ај што геноцидот не запира токму од оние што точно знаат колку е ужасно да си изложен на такво нешто, ама па очигледно дека никому во светот, вклучително и на палестинските соседи и браќа по религија, око не му трепнува, оти зборови сместени во апели немаат на терен никаква суштина. Апсолутно сметам дека тезата на геноцид да се врати со геноцид е морбидно одвратна, но има и други алатки како да се спаси и она малку што од еден народ остана.
Ги разбирам јас светските интелектуалци кои пишуваат за колективна одговорност на човештвото за сето она што се спроведува преку оружје и глад, ама, простете, не знам што да направам, јас ни идентитетскиот холокауст врз мојата Македонија не успеав да го спречам. Додуша, кога ќе ме фати лудилото од постојаното седење во идентитетската гасна комора, ми доаѓа на ум оној морбиден заклучок дека нашите предци на кои ние им го ликвидиравме македонскиот идентитет, а живи изгореа во напалм, подобро поминаа, ако ништо друго маченички ја завршија својата борба за слободно да можат да ја раскажуваат македонската приказна, отколку ние, сега и тука, кои печејќи си ги газовите на грчките плажи, демек лелекаме за нивните жртви, всушност дозволивме црпнати одработувачи на туѓи агенди, со шуто и рогато собрано од интелектуалната бижутерија и вооружени со презервативи од џебовите на странски амбасадори да ни ја размачкаат суштината до непрепознавање.