Фото: ЕПА

Новиот систем, дизајниран да ја подобри безбедноста на возачите, првпат се користи на Тур де Франс. Досега сезонава се покажани 159 жолти картони, 42 отсто на возачите, 37 отсто на механичарите и спортските директори, 15 проценти на претставници на медиумите/телевизиите и шест на други мотоцикли. За возачите, најчеста причина за жолт картон е неправилно или опасно однесување во спринтовите

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Нов додаток во правилата во велосипедизмот може да ја зголеми драмата на годинашниот Тур де Франс, откако управното тело на велосипедизмот, Меѓународната велосипедска унија (УЦИ), неодамна воведе нов систем со жолти картони. Системот беше тестиран минатата сезона и беше интегриран на трките на Светската турнеја (највисоко ниво) и на прониво во текот на сезонава, а годинашниот Тур е првиот што го воведува во акција, пишува британски „Индепендент“.
Комесарите на трките, службени лица што работат на Тур де Франс и на другите трки, можат да ги покажат овие жолти картони „секогаш кога однесувањето може да биде ризик за безбедноста“, според правилникот на УЦИ. Списокот на однесувања што можат да придонесат до жолт картон вклучува држење за тимскиот автомобил предолго додека се зема храна, или земање храна надвор од одредената зона за тоа, засолнување зад тркачко возило, напад или заплашување на друг возач или гледач и неправилно спринтување, пишува „Индепендент“.
Новиот додаток во правилникот е најрелевантен за велосипедистите што водат за време на спринт, „забавување за време на спринт и загрозување на другите возачи“, т.е. возачи што тргнуваат и го блокираат патот или ги принудуваат другите возачи да ги заобиколат, пишува „Индепендент“.
Досега се покажани 159 жолти картони сезонава, а УЦИ забележува дека на возачите им се доделени 42 отсто.

– Вработени во тимот, вклучувајќи ги механичарите и спортските директори, сочинуваат 37 отсто од покажаните жолти картони, претставниците на медиумите/телевизиите 15 проценти и другите мотоцикли шест отсто – пишува во извештајот. За возачите, најчеста причина за жолт картон е неправилно или опасно однесување во спринтовите.
За разлика од, да речеме, фудбалот, на возачите нема да им биде покажан физички жолт картон во моментот на прекршокот, нема да има судии на тркала што ќе го следат пелотонот. Наместо тоа, прекршоците за жолти картони ќе бидат објавени во соопштенија по трката, како што е вообичаено, каде што возачите, тимовите и помошниот персонал често се соочуваат со казни или други санкции за кршење на правилата на УЦИ.
Жолтите картони може да се доделат или како казна сами по себе или како додаток на какви било казни, намалување на резултатите од трката или временски казни, пишува „Индепендент“. Значајно е што два жолти картона во рок од 30 дена повлекуваат дисквалификација од трка и суспензија од седум дена. Три жолти картони за 30 дена ќе резултираат со суспензија од 14 дена. Ова може да биде огромно за време на Тур де Франс. Н.М.