Уставноправниот поредок се брани со кредибилни функционални институции
Поради партиски директиви, Уставниот суд чуваше во фиока многу спорни закони, не се изјаснуваше, а во меѓувреме промените се случуваа. Незаконски помина територијалната поделба, незаконски беше избран претседател на Собранието во 2017 година, по што по автоматизам сите одлуки донесени од такво собрание за Уставниот суд требаше да бидат неважечки. Спротивни на Уставот беа и промената на името и пописот, но и францускиот предлог, така што Уставниот суд во целиот овој период кога се случуваа крупни внатрешни интервенции со кои се менуваше карактерот на државата повеќе дејствуваше како соучесник во тие процеси
Слабите и партизирани институции придонесоа за системското разградување на Македонија како држава на македонскиот народ со години, дозволувајќи дневната политика да биде над законите и Уставот на државата, само за мир во владејачките коалиции и што подолго останување во власта, на штета на државните интереси.
Една од тие институции што можеа да спречат многу процеси спротивни на Уставот и на законите беше Уставниот суд, но оваа институција, која требаше да биде чувар на правниот поредок, свесно ја подреди својата работа на партиските агенди и со своето непостапување или смислено одложување на поднесените иницијативи за оцена на уставноста овозможи процесите да си течат и да предизвикаат непоправлива штета.
Токму поради партиските директиви Уставниот суд чуваше во фиока многу спорни закони, не се изјаснуваше, а во меѓувреме промените се случуваа. Незаконски помина територијалната поделба, незаконски беше избран претседател на Собранието во 2017 година, по што по автоматизам сите одлуки донесени од такво собрание за Уставниот суд требаше да бидат неважечки. Спротивни на Уставот беа и промената на името и пописот, но и францускиот предлог, така што Уставниот суд во целиот овој период кога се случуваа крупни внатрешни интервенции со кои се менуваше карактерот на државата повеќе дејствуваше како соучесник во тие процеси наместо да биде најмоќниот авторитет што ќе ја оценува усогласеноста на законите со највисокиот правен акт во државата и ќе спречува нејзино разградување.
По свадба тапани?!
Четири години по одржувањето на најспорниот попис во историјата на европските статистички податоци, Уставниот суд сега излезе со оценка на уставноста на Законот за попис, утврдувајќи ги проблематичните делови од методологијата за пописот што се однесуваат на делот на „резидентно“ и „нерезидентно“ население.
– Означените делови од методологијата не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со членот 8 став 1 алинеја 3, и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со членот 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во С. Македонија во 2021 година – посочуваат од Судот образложувајќи ја одлуката.

Според Уставниот суд, директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување.
– Законот за попис на населението, домаќинствата и становите не предвидува категоризацијата на населението да се разработи со подзаконски акт – констатираат сега од Уставниот суд.
Од Уставниот суд појаснуваат дека поради фактот што станува збор за укинувачка, а не поништувачка одлука, таа ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во „Службен весник“ (за подзаконските акти што ќе се носат во иднина), но нема да важи ретроактивно.
Колку за потсетување, „Нова Македонија“ во повеќе наврати пред пописот преку серија текстови алармираше дека е спорна методологијата на пописот и дека никаде во светот не се попишува нерезидентното население бидејќи на тој начин се добиваат неточни податоци, по кои потоа треба да се креираат развојни политики.
Во консултации со експерти во делот на статистиката, особено луѓе стручни околу пописните операции, беше јасно посочено дека на Македонија ѝ се случува политичка, а не статистичка операција, што сега се потврди и на дело.
Тоа што Уставниот суд ги укина спорните одредби во методологијата не значи ништо бидејќи штетата е веќе направена, исто како што беше направена и со промената на името, со употребата на Законот за јазици, како и многу други неуставни закони што уставните судии свесно ги оставија за некои други „безбедни“ времиња.
Потребни се департизирани институции со интегритет
Некои од аналитичарите сметаат дека на Македонија ѝ се потребни силни институции, неподложни на притисоци, со кредибилни луѓе на нивно чело, бидејќи без силни и независни институции, земјава не може да оди напред.
– Треба да се тргне политиката настрана од институциите, а Уставниот суд е таа врховна институција што треба да ги коригира законите што се неуставни, а кои креираат некои нови состојби во државата. Впечатокот во јавноста е дека нашиот Уставен суд не ја оправда улогата на чувар на уставноправниот поредок бидејќи своето работење го подреди на барањата на сите партии што беа на власт.
Замижуваше пред многу закони, со години го одлагаше изјаснувањето по одредени иницијативи, за потоа тие да изгубат на актуелноста и веќе да се имплементирани во системот. Ако Уставниот суд беше на висината на својата задача, немаше да ги дозволи ниту Договорот за пријателство и соработка со Бугарија ниту, пак, Преспанската спогодба, оти со нив се загрозува карактерот на македонската држава.
За жал, кај нас функцијата уставен судија се добива така што ќе се одработи за одредена политичка партија, па потоа така партиски инсталираните судии продолжуваат да работат по нечија наредба. Сега Судот поништува одредби од методологијата за попис откако штетата е веќе направена, иако требаше промптно да реагира кога целата јавност во државата предупредуваше дека се подготвува нелегитимен попис. Можеби по десет години Уставниот суд ќе каже дека и промената на името била неуставна, откако сите удрија по нашиот идентитет поради оваа политичка авантура на претходната власт. Истите тие што го фингираа пописот, протестираа пред Судот и се закануваа со дестабилизација ако тој се дрзне да се изјасни по спорните одредби од Законот за јазици, кои, патем, за спорни ги смета и Венецијанската комисија. Генерално гледано, во овие 25 години Уставниот суд целосно потфрли и дозволи инсталирање на серија неуставни закони поради кои Македонија е нефункционална и карактерно променета држава од онаа што ја знаеме од 1991 година – велат аналитичарите.
Според нив, ако не се тргне политиката од сите институции, тогаш експериментите со македонската државност ќе продолжат и во иднина.