Завршна изложба на регионалниот проект „Аут оф фрејм“ во Музејот на градот Скопје
В петок, во 19 часот, публиката во Скопје ја очекува посебно уметничко доживување: свечено отворање на мултимедијалната изложба „Ре-креација на видот“: да ги погледнеме фотографиите со други очи во изложбениот простор на Музејот на градот Скопје.
На изложбата ќе бидат претставени фотографиите на младите фотографи од Србија, Црна Гора и Македонија што беа создадени во текот на повеќемесечно работење, учење и заедничко истражување на фотографијата и современиот поглед на свет.
На свеченото отворање ќе присуствуваат партнерите и менторите од целиот регион – Славица Христова, кустоска од Музејот на градот Скопје, Александра Ристовска, фотографка и деканка на Факултетот за визуелни уметности на Интернешнал балкан јуниверзити, Сашо Алушевски, директор на фестивалот „Зрно“ од Скопје, Владимир Јовановски, директор на фестивалот „Малински“ од Куманово, Звездан Манчиќ, директор на фестивалот „Визуализатор“ од Белград, и Далибор Шеваљевиќ, директор на фестивалот „Тиват фото дејс“ од Црна Гора.
Изложбата претставува големо финале на пионерскиот регионален проект „Надвор од кадар: Промовирање нови перспективи преку фотографија“, поддржан од Британскиот совет, а кој во изминатите десет месеци беше воден од Центарот за развој на фотографијата од Белград, со партнерите од Црна Гора – организација „Флуид Друм“ и со подршка од Музејот на градот Скопје. Проектот се реализира во рамките на програмата Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WB). Проектот е финансиран од страна на Европската Унија, а се реализира во рамките на програмата насочена кон поттикнување на дијалогот на Западен Балкан, преку јакнење на културните и креативните сектори и засилување на социоекономското влијание.
– Изложбата во Музејот на градот Скопје ја заокружува работата на младите фотографи од Србија, Црна Гора и Македонија што во изминатиот месец поминаа низ интензивна менторска работилница, под водство на истакнати автори и педагози.
Работата на младите автори од Македонија за првпат ќе ѝ биде претставена на јавноста, заедно со работата на авторите од регионот. Во центарот на вниманието се наоѓаат младите гласови и новите авторски погледи, кои низ објективот проговоруваат за секојдневието, идентитетите и просторот што ги обликува. Во време во кое вистината сѐ потешко се пронаоѓа меѓу сликите, ВИ-aлатите, младите автори нудат автентичен и личен поглед ослободен од клишеа и конвенции – информираат организаторите.
Изложбата во Скопје следува по успешните изложби во рамките на белградскиот фестивал „Визуализатор“ и „Тиват фото дејс“ во Црна Гора.
– Секако, ова не е крај туку, напротив, почеток – преку пионерскиот проект „Аут оф фрејм“ се поставени темелите на нова регионална мрежа на фотографи, ментори и фестивали на фотографија на Западен Балкан, со кои ќе продолжат развивањето на соработката и истакнувањето на младите автори. Настанот ќе биде збогатен и со претставување дигитална платформа за млади таленти, со што дополнително се отвараат вратите за размена помеѓу фотографската сцена во регионот – дополнуваат организаторите.