Скопска премиера на перформансот „Одбрана и заштита“ на уметницата Маја Зеќо се одржа во културниот центар „Јадро“ како дел од нејзината тековна изложба „Нарушени иднини“. Овој перформанс претходно беше изведен во Загреб и во Лондон.
Во „Одбрана и заштита“, уметницата носи засилен костим со вградени звучници, кои емитуваат звуци од воени дронови и поврзани фреквенции. Делото се осврнува на постепеното губење на нашето колективно чувство на сигурност и на потребата сè повеќе сами да се грижиме за сопствениот опстанок во денешниот крајно сложен глобален политички контекст. Публиката беше поканета активно да учествува: на самото место беше достапен кјуар-код со кој присутните можеа да се приклучат и да ги репродуцираат звуците преку своите уреди. Перформансот започна од споменикот на Цар Самоил на плоштадот „Македонија“ и траеше околу 90 минути. Публиката можеше да го проследи целиот перформанс или дел од него.
Зеќо во своите дела користи стратегии на перформанс и звучна уметност за да се справи со современите ургентности за местото, идентитетот, миграцијата, деколонијалните и балканските футуризми. Таа изложувала меѓународно во Абердин, Единбург, Загреб, Сараево и во Мелбурн, Австралија.
Маја Зеќо е родена во Сараево, а живее во Шкотска од 2015 година. Таа е интердисциплинарна уметница, која работи на пресекот меѓу перформанс, звук и подвижна слика. Во нејзината истражувачки ориентирана практика, таа се занимава со теми како идентитети, деколонијалност и идеи за балкански футуризми. Критичкото истражување на овие теми ја води Маја кон акти на самопогребување, нуркање во вода за повикување сеќавања, експерименти со сензорно попречување и практики на издржливост. Таа заврши докторски студии базирани на практика во 2019 година, а своите дела ги има претставено низ Обединетото Кралство и на меѓународно ниво, вклучувајќи ги Лондон, Лестер, Линколн, Единбург, Перт, Абердин, Цирих, Сараево и Загреб.