За хаосот не треба многу зборување и примери. Доволно се соочуваме со грдите слики секој ден, и тоа буквално во сите делови од Скопје. И кога веќе полека се навикнуваме на насадувањето згради буквално под прозорците и балконите на постојните градби, што во ниедна нормална држава не е дозволено (законски и кај нас не е дозволено, но очигледно ние растегливо го толкуваме законот), сега се соочуваме со уште еден, типично скопски феномен. Имено, зградите, кои очигледно не се градени плански и со сите потребни дозволи, едноставно немаат нормален пристап до постојните сообраќајници. Па така, сега имаме ситуација каде што станарите мораат да возат преку земјени патеки, преку павер-елементи, преку тротоари и пешачки патеки, за да се приклучат на некоја нормална сообраќајница
„Добро утро, комшија. Кафето ќе го пиеме денеска кај вас или кај мене?“ Вака отприлика почнува утринскиот дијалог на скопјани, кои се жртви на урбанистичката мафија, појава за која сме свесни сите и чии последици ги трпиме тивко и безгласно, а која пак за надлежните не постои. Дијалогот обично се одвива на растојание од два-три метри, колку што се начичкани зградите во градот наш убав, кој полека го губиме и во кој сѐ помалку сакаме и можеме да живееме, токму благодарение на ненаситните модерни инвеститори градежници, кои не почитуваат ниту стандарди, ниту култура на живеење, ниту пак закон, но и благодарение на ненаситните корумпирани општински функционери што треба да се грижат за некаков ред во градбата, а кои пак се грижат единствено нивните џебови да се солидно пополнети со парите на првоспоменатите инвеститори.
За хаосот не треба многу зборување и примери. Доволно се соочуваме со грдите слики секој ден, и тоа буквално во сите делови од Скопје. И кога веќе полека се навикнуваме на насадувањето згради буквално под прозорците и балконите на постојните градби, што во ниедна нормална држава не е дозволено (законски и кај нас не е дозволено, но очигледно ние растегливо го толкуваме законот), сега се соочуваме со уште еден, типично скопски феномен. Имено, зградите, кои очигледно не се градени плански и со сите потребни дозволи, едноставно немаат нормален пристап до постојните сообраќајници. Па така, сега имаме ситуација каде што станарите мораат да возат преку земјени патеки, преку павер-елементи, преку тротоари и пешачки патеки, за да се приклучат на некоја нормална сообраќајница.
Нормална, бидејќи нивната зграда не била влезена во ниеден важечки урбанистички план туку била резултат на договарање на гореспоменатите инвеститори и исто така спомнуваните општински функционери. На заемно задоволство. Нивно, се разбира, а на сметка на тоа, нервозите, проблемите и трошоците се на незадоволство на измамените купувачи на станови во таквите згради.
Или, поточно, невидливи згради. Невидливи за соодветните служби, пред сѐ за градежните инспекции. А се чини недоволно видливи ниту за компаниите за снабдување со струја, вода, греење, чистење, бидејќи полека но сигурно излегуваат на површина дивите приклучоци или, пак, комплетната невозможност за приклучување на услугите на некоја од споменатите компании. Што, пак, предизвикува дополнителни проблеми и нервози кај нашите сограѓани што имале (не)среќа да влезат во канџите на ненаситните инвеститори.
А дека апсурдите да не се доволни зборува и најновата листа на бесправно изградените објекти каде што се ставени очигледно само оние што толку бодат очи што едноставно не може никако да се заобиколат. А како поинаку да се протолкува списокот од само 740 пријавени бесправно изградени објекти во периодот од 2019 до 2023 година на територијата на Скопскиот Регион, според податоците на Државниот завод за статистика!?
Според оваа листа, најмногу дивоградби има во општината Центар – 122, по што следуваат Ѓорче Петров со 104, Бутел со 108 и Карпош со 98 пријавени случаи, Аеродром пријавил 95 дивоградби, Кисела Вода 72, а Чаир 47. Спротивно на тоа, општината Сарај, и покрај долгогодишните сомнежи во урбанистички хаос, пријавила 0 дивоградби.
Но, да не ве залажуваат овие бројки. Тие се базираат исклучиво на податоци што ги пријавуваат самите локални самоуправи, така што веројатно ви станува појасно зошто бројката е толку мала.
Да не излезе дека претеруваме, но според многу показатели, а и според состојбата на теренот, во стварноста оваа вкупна бројка веројатно би била мала кога реално би се анализирала состојбата за која било скопска општина поединечно. Дека нашата процена не е претерана доволно е да прошетате малку низ градот, во кој дел сакате, по слободен избор, ќе се уверите во реалната состојба. А доколку ни тоа не ви е доволно, може да се послужите со сателитските снимки преку Гугл мапс, како што предлагаат подобро упатените во оваа проблематика. Оваа апликација барем е непристрасна, па не може некој да ја обвини дека зборува или пишува тенденциозно.
Но, да не им го загорчуваме кафето на соседите од почетокот на денешнава колумна. Да си продолжиме да си тераме вака, сѐ додека еден ден и вам не ви се насади некоја зграда под или над вашиот балкон. Мене, благодарам на прашањето, веќе ми се насадија нови комшии. Убави некои луѓе, баш гледам вкусни манџи си готват секој ден. Башка убав мирис се шири, вистинска комшиска романтика.