Амбасадата на Руската Федерација вчера во Скопје одржа државен прием по повод Денот на Русија.
Во годината кога се одбележуваат осум децении од победата над фашизмот за големиот подвиг на војници, партизани и работници во заднина на фронт раскажа изложбата „Патот кон големата победа“, подготвена од Амбасадата, со архивски фотографии на руската новинска агенција РИА Новости, Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката борба во Прилеп и на Државен архив.

Гостите имаа можност да ги пробаат вкусовите на традиционалната руска кујна и да уживаат во делата од руска класична музика на Петар Чајковски, чија 185-годишнина од раѓањето се одбележува оваа година, во изведба на оркестарот под водството на извонредниот диригент Евгениј Светланов и на светски познатиот пијанист Свјатослав Рихтер.

Гости на настанот беа Архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија Неговото Блаженство г.г. Стефан, Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар, Митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски Григориј, Митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, Епископот Хераклејски Климент, Потпретседателот на Владата, министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, пратениците на Собранието Сашко Јанчев, Јована Мојсоска и Драган Недељковиќ, Амбасадорката на Србија Невена Јовановиќ, Амбасадорот на Босна и Херцеговина Драган Јаќимовиќ, Амбасадорот на Турција Фатих Улусој, Амбасадорот на Казахстан Сатибалди Буршаков, вршителот на должноста Амбасадор на Кина Су Леи, вршител на должноста на Амбасадор на Катар Рашид Саид Ал Хаjарин, Почесниот конзул на Русија во Охрид Велимир Стојковски, членови на дипломатскиот кор, претставници на општини, членови на политички партии, академици и научници, јавни и културни дејци, претставници на руски компании во Македонија, домашни бизнисмени, медиуми, активисти на здруженија за македонско-руско пријателство…


Говор одржа амбасадорот на Русија во Македонија Сергеј Баздникин.

-Убеден сум дека сите обиди за уништување на силните врски на интеракциjа и меѓусебно почитување меѓу нашите братски народи ќе бидат неуспешни. Нѐ поврзува вековна историjа, заjакната од духовно и културно сродство, од заеднички словенски корени, од заедничка борба за време на Втората светска воjна. 80-годишнината од Победата во неа jа прославивме заедно пред нешто повеќе од еден месец. Ниту една политичка конjунктура нема власт над искрени чувства на луѓе – во Македониjа го чувствуваме такво однесување, без претерување, буквално на секоj чекор. Сето ова може да стане основа за обновување на врските кога за тоа ќе се појават благопријатни услови.Убеден сум дека сите присутни знаат што е нашата земја” истакна во својот говор Амбасадорот на Русија, при што додаде дека “Русија е посветена на решавање на проблеми со мирни средства, вклучувајќи и со преговори, и е заинтересирана за цврст мир за долга историска перспектива. Но, подготвени сме за секаков развој на настаните.
Ги имаме сите можности за ова – никој не треба да се сомнева во тоа или да се обидува да го провери. Нема да успее да нè заплаши, да нè принуди да направиме отстапки или да нè натера да се одрекнеме од нашите граѓани. Ние не ги напуштаме своите! Своих не бросаем! – нагласи рускиот Амбасадор во својот говор.

-Русија е најголемата, навистина уникатна држава-цивилизација, која се протега илјадници километри од Запад кон Исток и од Север кон Југ, во која во меѓурелигиска хармонија живеат повеќе од 190 народи, националности и етноси. Таа е отворена кон светот, води позитивна и обединувачка надворешна политика, нуди чесен и фер модел за развој на меѓународните односи, се залага за почитување на самобитност на земји и народи, на нивни обичаи и култури. Во основата на нашата цивилизација и идентитет се традиционалните вредности кои нашите предци ги поставувале низ вековите. Меѓу нив се единството на народите на Русија, посветеноста кон вистината и правдата, милосрдието и хуманизмот, силното семејство и љубовта кон децата, меѓусебната помош и стремежот за постигнување успех на целата земја, а не само на лична благосостојба. И, секако, тоа е патриотизмот, посветеноста на Татковината. Токму овие вредности го формираат нашиот суверен поглед на светот, одржлив кон обидите да ни наметнат туѓа волја – истакна рускиот амбасадор Сергеј Баздники на приемот по повод Денот на Русија, организиран од Амбасадата на Русија во Македонија.