КУГЛАЊЕ – ВИСОК ПЛАСМАН НА МАКЕДОНИЈА НА СП 2025 ВО УНГАРИЈА
Во групната фаза, Македонија го освои второто место забележувајќи две победи и еден пораз, по настапот во четврт-финалето неофицијално е петта, а кугларките се 11-ти
Машката кугларска репрезентација на Македонија неофицијално е петта на 11. Светско првенство (СП) во Секешфехервар (Унгарија). Македонската репрезентација забележа две победи (Хрватска и Австрија) и два пораза (Чешка и Австрија), се пласира во четврт-финалето, што е и најдобар резултат на црвено-жолтите по 2013 година, кога во Залаегерсег (Унгарија) освои сребро на СП. Кугларките во групата загубија од Хрватска и од Словенија, а ремизираа со Естонија и неофицијално се 11-ти.
– Ни недостигаше уште еден чекор до медал, но постигнавме најдобар резултат од преостанатите поразени во четврт-финалето, што влијаеше на конечниот пласман и секако подобра ждрепка за наредното СП. Патем, Македонија, мажи, го оствари вториот најдобар национален екипен резултат на сите времиња во својата историја по оној од 2013 година кога бевме светски вицешампиони. Во тешки услови во кои се наоѓа Кугларска федерација на Македонија (КФМ), овој успех е огромен и за мене еквивалентен на медал на СП. Им се поклонувам пред силната страст на овие момци кон нашиот спорт, желбата за надигрување со светската елита со достоинствено бранење на македонските државни бои, со огромната самопожртвуваност, која ќе им послужи како пример на некои идни генерации спортисти и што е најбитно со резултати за почит и доказ за квалитетот на македонската кугларска школа. Со само три куглани во Македонија и пет клуба, ние сме феномен во Европа со резултатите. Секоја чест момци – изјави претседателот на КФМ, Игор Михајловски.
Во четврт-финалето, Македонија загуби од, дотогаш актуелниот светски првак Австрија со 1-7 во поединечни поени (3.676-3.866 во соборени кегли). Во полуфиналните дуели Србија ја победи Австрија со 5-3, а Германија беше подобра од Унгарија со 7-1. Во финалето Србија ја совлада Германија со 6-2, (3.913-3.808) и седми пат е светски првак, а бронзени се Австрија и Унгарија. Кај кугларките, Хрватска ја одбрани титулата победувајќи ја во финалето Германија со 6-2 (3.642-3.579). Бронзите ги освоија Чешка и Унгарија. Г.И.