Креативните деца на фотографиите се ученици во скопското ООУ „Браќа Миладиновци“, кои работеа под менторство на наставничката Елена Илиевска
Мојата азбука: Ксенија Маказлиева-Трајчева, уредничка на литературни списанија за деца и писателка
А – Ако ја немавме азбуката,
Б – би биле ли денес тука
В – вистински да се радуваме да
Г – говориме, твориме, пишуваме,
Д – денот со радост да го полниме,
Ѓ – ѓердани од зборови да нижеме,
Е – еден со друг да си пишуваме,
Ж – желбите да ги споделуваме со
З – зборови волшебни, магични
Ѕ – ѕвезди да симнуваме, низ
И – иглени уши, конец да протнеме
Ј – јазли со зборови да врзуваме,
К – како тантела да ги навеземе врз
Л – ленено платно да ги испишеме.
Љ – љубов ми се зборовите,
М – македонски, наши, родени…
Н – ноќва зборови подредувам, на
Њ – збор, барам, пребарувам и во
О – огледало волшебно потонувам,
П – пат поминат, пак поминувам и,
Р – радости, глеј, пронаоѓам, ко
С – суво злато ги прибирам,
Т – толку се, колку се, доволно се,
Ќ – ќерамиди за покривот ми се,
У – убаво ги редам, подредувам,
Ф – фино, нежно да не ги искршам,
Х – храброст е покрив да редиш,
Ц – цел еден живот да заштитиш, а
Ч – чекорот лесен треба да биде,
Џ – џин да си и џуџе во исто време,
Ш – шепот да си, а секој да те чуе,
и сѐ од А до Ш да те разбере…
За авторката
Ксенија Маказлиева-Трајчева е писателка за деца, уредничка и едукаторка.
Од 1984 до 1995 година работи како новинарка во Радио Струмица и во списанијата за деца и млади во издание на редакцијата „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“, а од 1990 г. почнува да објавува раскази за деца во списанието „Развигор“ на „Детска радост“.
Од 2014 до 2018 година, освен како одговорна уредничка на списанието „Другарче“, работи и како одговорна уредничка на списанијата „Росица за најмали“ и „Росица за ученици во прво одделение“ и уредничка на изданија за предучилишна и раноучилишна возраст.
Од 2004 година активно работи и на активности од областа на популаризирањето и презентирањето наслови од издавачката дејност, при што реализира голем број телевизиски прилози, гостувања во контактни емисии на радио и телевизија, како и подготовка на голем број пиар-текстови за печатени и електронски медиуми.
Авторка е на книгите „Спирко Немирко“ („Просветно дело“, Скопје, 2014), „Секој има право да се – храни здраво“ – прирачник за правилна исхрана („Просветно дело“, 2015) и „Борко Брзозборко“, збирка раскази за деца, која доживеа две изданија, првото самостојно, а зад второто застана повторно нејзината матична куќа „Просветно дрло“.
Ксенија Маказлиева-Трајчева објавила над 120 раскази за деца во литературните списанија за деца „Развигор“, „Другарче“ и „Росица“, како и во прилогот „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“.