Медиумската експанзија и продолжениот простор

Човечкиот род е длабоко навлезен во постинформатичкиот универзум. Силниот технолошки подем е сеприсутен, очебиен и е вгнезден во нашите навидум кревки информациски тела и во нашата свест и на сите еднакво ни овозможува да бидеме дел од играта во глобалното цивилизациска битие. Но сето тоа заедно не значи по автоматизам некаков антрополошки прогрес. Технолошкиот прогрес може да влијае на планот на удобноста и живеење квалитетно време, и нема сомнение дека интернетот, ВИ и глобалните медиумски алатки влијаат врз моделирањето и артикулирањето на нашата реалност во согласност со своите принципи, но во исто време нѐ развива, оспособува како значајна културолошка перцептивна рамка што го изострува нашето цивилизациско чувство во современото битисување.
„Аналогните“ генерации уметници и нивните традиционални сфаќања на уметноста се исправени пред сериозна задача… да се свртат и обѕрнат наоколу и да видат, но и препознаат, кој тоа таму и како – пее, слика, мисли – промислува, толкува…
Според извесни согледби и толкувања, културата и културната дебата во Македонија на фонот и во вителот на општествено-економските и социјалните турбуленции се, всушност, замена – за политиката и за интелектуално политичкиот ќор-сокак во кој западнаа редица стратези, културни дејци и мислители, но и многубројни производители на културните добра кај нас, па и пошироко на целиот „исток“. Многумина од протагонистите на културното живеење и во нашиот сокак останаа затечени во новонастанатите културни услови и во состојба на шок затворени во магичниот круг на некритичка исклучивост, негирање и себесожалување, и никако да ја согледаат суровата и динамична димензија на културата и на целиот корпус на уметничките глобални метаморфози. И ако некогаш од културата се бараше да не биде млака, да биде ангажирана и да не остане само во рамките на себедоволство, подолго време под превезот на препораки во пакет со економско-политичките искуства, „неа“, на културата ѝ се препорачува, насочува и од неа се бара да биде дел од европската софистицирана дебата за убавото, доброто и праведното.

Силно заплиснати од бурниот технолошки развиток „аналогните“ генерации уметнички трудбеници и нивните традиционални сфаќања и толкувања на уметноста се исправени пред сериозна задача. Најпрвин да се свртат околу себе и да видат во кој век живеат. Таа мала и одбрана дружина проследувачи, критичари и толкувачи на уметничкото дејствување стварноста секојдневно ги опоменува и топло препорачува вид себекорекција, во смисла на правовремено детектирање на потенцијалот на новите медиуми, чии визури и перспективи во дигиталната ера се суштинска претпоставка на културното дејствување. Треба да се има предвид врутокот на новиот сензибилитет од кој се заплиснати сегашните и идни поколенија културни работници, културтрегери, критичари и критизери што на културата гледаат, мерат и премеруваат со параметрите од традиционалниот анахрон бинарен систем на евалуации, во кој културата се дели најпрвин на жива и нежива и во нив традиционалните поделби на жанрови, сликарство, театар, литература, скулптура. Медиумската експанзија и продолжениот простор во кој треба да се движиме налагаат ново поимање и видување и на уметничкото дејствување. Изобилството од најразлични содржини налага извесна мека промена на сфаќањата и толкувањата на глобалните медиумски параметри, молскавичен ритам на перцепција и уште еден куп предизвици и насоки со кои мора да се сообразиме, за правилно разбирање и трасирање на културните политички насоки и стратегии.
Светот и реалноста се медијализирани до степен на усвитеност и се претворени во континуирано реално шоу. Нашите животи со „несебична“ помош од секојдневните виртуелни хомологации се претворени во вид на чиста, дигитализирана апстрактна егзистенција, што во најголем дел сме само една од функциите на комуникациските медиуми.

Креативната телепортација станува реалност. Убав пример од пред дваесетина години е кога македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х, во соработка со студиото „МПЦ Техниколор“, изработи дел од ефектите во филмот на Ридли Скот, „Марсовецот“, кој кај нас беше прикажан еден ден пред американската премиера.
Медиумскиот карактер на стварноста станува појдовна основа и претпоставка што налага еден нов вид поимање на уметноста, редефинирање и проширување на нејзината онтолошка рамка.
Зарем е помалку уметност создавањето голем број атрактивни видеоигри што со својата динамична визуелност сѐ повеќе се претвораат во театар, во кој сме и гледачи и артисти. Креативниот нов сензибилитет може да се забележи и на рабовите на сѐ поатрактивната медиумска графика или кај интензивниот маркетинг.
Можеби ќе прозвучи малку еретички и претенциозно, но денес телевизијата, ВИ, социјалните мрежи, платформи (одредени сегменти), и како форма и како содржина, слободно можеме да ги окарактеризираме и да ги прогласиме за творечки производ, виртуелна проекција на културна сила во чија т.н. заднинска механика на изработка учествуваат најразлични профили и се резултат на силна синергија на креативна енергија.
Благородна тема и поттик за квалитетна опсервација, културата (со нејзиниот развој), најшироко сфатена како збир на материјални и духовни вредности што го детерминираат прифатливото однесување на човекот, со што е условен опстанок на цивилизацијата – е од особено значење и за Македонија – ќе набележи и подвлече мојот (сега покоен) пријател и собеседник Кирил Тренчевски. Вредносниот систем, (пишаните и создадени правила на однесување), моралот и обичаите се природно и трајно вкоренети во културната основа на Македонецот. Турското (и другите) ропство ја доведе Македонија (во 1945-та) до 90 отсто селско, необразовано и неписмено население, без индустриска, здравствена, прехранбена и друга култура – и требаше да се прескокнат и дополнат 200 години (и генерации) развој. Добро е и до каде сме – похрабро треба да чекориме напред. Новите технологии значително и квалитативно ги редефинираат постулатите на перцепција и онтолошките принципи на следење на културата – веќе нема (толку) блефови и посредници во културата, а вредносната верификација е објективизирана. Нема глума и измама.
Слободно и со право можеме да ги прогласиме за уметност современиот графички дизајн, шпиците и џингловите, музичките видеоклипови или добриот избор на лица со висока телевизуелност и костими на Фешн ТВ, директните преноси од „Греми“, „Евровизија“, Ем-ти-ви…

За креативен уметнички чин може да се окарактеризираат и директниот телевизиски пренос и одделни телевизиски спортски жанрови. Зарем преносот на натпреварите за Формула 1 не е автентична уметност и креативен чин? Изгледот и креацијата на болидите, фасцинантната адвертајзинг-иконографија, одличната поставеност на камерите што формираат монтажен простор, временска и просторна истодобност, во која активно се вклопуваат над милијарда гледачи. Директните фудбалски преноси од англиското фудбалско првенство, шпанската Примера, италијанското Калчо… Севкупно – висок естетски чин во духот на новото време. Фактот дека тој е еднаква информатичка и естетска наслада за милијарда консументи е силна потврда за демократскиот и естетски потенцијал на овие жанрови.
Уметничкото творештво со силниот технолошки подем многукратно се демократизира и во услови на глобалната медиумска експанзија добива неверојатно големи шанси за промоција на квалитетни идеи, креативен авторски потенцијал, што во никој случај не подразбира исклучување и негирање на традиционалниот израз и на културните вредности, туку реално димензионирање и мудра стратегија за постапно и правилно искористување на можностите на уметничките суптилни сфери како моќно орудие на човечкото дејствување.
Што се однесува до културната дебата и теорија, треба да се различи и деконтаминира автентичниот културен набој од перфидно вметната агресивна компонента на сеприсутната политика. Замената и мешањето на полето на културниот со политичкиот натпревар се неетички чин и е најчесто латентна дневнополитичка манипулација, како рефлекс на итроманство и неодговорен медиокритетски провинциски менталитет.

Аљоша Симјановски