ОДБОЈКА
Селекторот Миленкоски смета на 15 играчи за средбите со Хрватска

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, ќе смета на 15 репрезентативци за пријателските натпревари со соодветната селекција на Хрватска, викендов во Марибор (Словенија). Со репрезентацијата нема да патува единствено средниот блокер Филип Маџунков, кој е на подготовките заедно со репрезентацијата во Струмица, но истовремено чека и мала хируршка интервенција на десното колено, па селекторот Миленкоски одлучи да го поштеди за овој контролен двомеч, објави Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
По една недела подготовки во Струмица, следуваат мечевите со селекцијата на Хрватска, која, исто така, се подготвува за настап во Европската златна лига. Натпреварите се в сабота (од 18 часот) и в недела (17 ч.). За Македонија средбите со Хрватска ќе бидат единствената проверка на силите и формата во пресрет на натпреварите во Европската златна лига, пишува ОФМ. Г.И.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д’ИТАЛИЈА
Карапаз најбрз на 11-та етапа, Дел Торо и понатаму води

Еквадорскиот велосипедист Ричард Карапаз победи во 11-та етапа долга 186 км на престижната грантур-трка Џиро д’Италија, во која имаше искачување на 3.812 метри. Второто место му припадна на Мексиканецот Исак дел Торо, кој заостана 10 секунди, а трет низ целта помина Италијанецот Џулио Чиконе со исто временско заостанување. Лидер во генералниот пласман и понатаму е Дел Торо, пред Хуан Ајусо од Шпанија, кој заостанува за 31 секунда, и домашниот претставник Антонио Тибери, со заостанување од една минута и седум секунди. Првиот фаворит, Словенецот Примож Роглич, е петти со заостанување од една минута и 24 секунди. Вчера на програмата беше 12-та етапа во должина од 172 км. Г.И.


КОШАРКА – НБА
Шеј Гилџес-Александер е МВП за сезонава

Бекот на Оклахома, Шеј Гилџес-Александер, ја освои наградата за најкорисен кошаркар (МВП) во НБА-лигата, која од пред две години го носи името „Мајкл Џордан“. Тој е вториот играч од Канада што ја освоил оваа награда (претходно Стив Неш, во сезоните 2004/2005 и 2005/2006). Тој во регуларната сезона имаше просек од 32,7 поени, пет скока, 6,4 асистенции, 1,72 украдена топка и 1,01 блокада на 76 натпревари. Тој постигна најмалку 20 поени во секој од неговите претходни 72 меча, најдолга серија од сезоната 1963/64, кога Вилт Чемберлен имаше серија од 80 меча, а Оскар Робертсон 76 средби, пишува НБА. Гилџес-Александер му се придружи на Џордан како единствени во историјата на НБА што имале просек од најмалку 32 поена и шест асистенции по натпревар и шутирале со 50 отсто успешност или повеќе од поле во една сезона. Џордан го постигнал овој подвиг двапати, во сезоните 1988/89 и 1989/90. Г.И.


ФУДБАЛ
Вардар го освои Купот на Македонија, комплетирани се македонските
претставници во Европа

Вардар шести пат го освои фудбалскиот Куп на Македонија со победата во финалето со Струга со 2-0, во средата, и обезбеди настап во квалификациите за пласман во Конференциската лига, каде што ќе играат и вицешампионот Силекс и Работнички, кој го освои третото место во првенството на Македонија сезонава, а првакот Шкендија ќе игра во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите. Македонските претставници во европските купови во следната сезона ќе играат од првите квалификациски кола. Според најавите, ждрепката треба да биде влечена на 17 јуни, а првите натпревари во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите, Лига Европа и во Конференциската лига треба да се играат од 8 до 10 јули. Во секој европски куп е предвидено да се играат по три квалификациски кола и плејоф, а во лигашката фаза ќе настапат по 36 тима, како и сезонава. Н.М.