Фото: „Нова Македонија“

КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

Оклахома убедлива во првиот дуел со Минесота

Кошаркарите на Оклахома ја совладаа Минесота со 114-88 (44-48) во првиот финален дуел на Западната конференција на НБА-лигата и поведоа со 1-0 во серијата што се игра до четири победи. Предводник на триумфот беше Шеј Гилџес-Александер со 31 поен, од кои 20 уфрли во второто полувреме, а имаше и девет асистенции, пет скока и три украдени топки. Џејлен Вилијамс придонесе во победата со 19 поени, осум скока, пет асистенции и пет украдени топки, а Чет Холмгрен имаше 15 коша и седум скока. Кај Минесота се истакна Џулиус Рендл со 28 поени и осум скока, Ентони Едвардс имаше 18 поени и девет скока, а Донте Дивинченцо девет коша. Вториот натпревар, одново на теренот на Оклахома, е утре (2 часот по средноевропско време). Во финалето на Источната конференција, Њујорк и Индијана играа рано изутрина во првиот меч од серијата. Г.И.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д’ИТАЛИЈА

Хул победи во 10-та етапа, Роглич се доближи до водечките во вкупниот пласман

Холанѓанецот Дан Хул ја оствари првата етапна победа на велосипедската грантур-трка Џиро д’Италија, откако беше најбрз на хронометарската 10-та етапа. Шпанецот Хуан Ајусо беше 22., но го намали водството во генералниот пласман на 25 секунди на Мексиканецот Исак дел Торо, кој го освои 37-то место во таа етапа. Британецот Сајмон Јејтс се искачи за две места и сега е четврти, откако на хронометарската етапа беше 23-ти. Фаворитот за врвот во генералниот пласман и победник на Џиро во 2023 година, Словенецот Примож Роглич, го освои 17-то место, но надомести време пред главните ривали и сега е петти во вкупниот пласман (една минута и 18 секунди зад Дел Торо). Г.И.


ТЕНИС – РОЛАН ГАРОС

Синер и Алкараз ќе испишат историја невидена уште од времето на Федерер и Надал

Јаник Синер (23), кој цели кон својот прв триумф на тенискиот гранслем-турнир Ролан Гарос, е прв носител за турнирот во Париз, а бранителот на трофејот Карлос Алкараз (22) ќе биде втор носител, и со тоа ќе бидат најмладите први носители на еден гранслем-турнир од Отвореното првенство на САД во 2006 година, кога 25-годишниот Роже Федерер и 20-годишниот Рафаел Надал беа на првите две носителски позиции, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
На годинашниот Ролан Гарос во Париз, кој почнува в понеделник, а чија ждрепката ќе биде влечена денеска, ќе се случи првпат, од турнирот во Вимблдон одигран во 2005 година (тогаш Федерер имаше 23 години, а Енди Родик 22), првите двајца носители на еден гранслем-турнир да имаат 23 години или да се помлади, пишува АТП.
Минатата година Алкараз го победи Синер во полуфиналето на Ролан Гарос, а потоа стана најмладиот што ги освоил гранслем-трофеите на сите три подлоги, пишува АТП. Н.М.


ХОКЕЈ НА МРАЗ

Почнува разврската за светската титула

Швајцарија – Австрија, САД – Финска (двете средби од 16.20 часот), Канада – Данска и Шведска – Чешка (двете од 20.20 часот) се денешните четвртфинални двојки на 88-то Светско првенство (СП) во хокеј на мраз што се одржува во Шведска (во Стокхолм) и во Данска (во Хернинг).
Репрезентацијата на Чешка е актуелен светски првак, по триумфот лани на Мундијалот што се одигра во таа земја, кога сребрен медал освои Швајцарија, а бронзен Шведска. Канада е најуспешна репрезентација досега, со 28 титули (има и 16 сребрени и девет бронзени медали). Првото СП е одржано во 1920 година, следните две со пауза од четири години, а од 1930 година светските првенства во хокеј на мраз се играат секоја година.
Од годинашните четвртфиналисти, селекциите на Канада, Швајцарија, Шведска, Чешка, САД и на Финска и на претходните три планетарни шампионати (во 2022, 2023 и во 2024 година) беа меѓу најдобрите осум репрезентации во светот. Н.М.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Тренерски смени во репрезентациите во пресрет на ЗОИ

Со завршувањето на сезоната во Светскиот куп (СК), вонсезоната веќе предизвика низа тренерски промени во неколку врвни земји во алпско скијање, во пресрет на Зимските олимписки игри (ЗОИ), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Во Австрија, Андреас Еверс се враќа како главен тренер на машкиот тим за брзински трки, заменувајќи го Сеп Брунер, кој се пензионира. Еверс некогаш беше тренер на Херман Маер и работеше со Австриската скијачка федерација од 1999 до 2012 година. Кристијан Митер, порано работеше во Норвешка и во Австрија, е именуван за спортски директор. Во Швајцарија се врати Стефан Абпланалп да го води женскиот тим за брзински трки. Тој претходно беше тренер на Швајцарките од 2004 до 2012 година и оттогаш работеше во Норвешка, САД и како ТВ-аналитичар.
По четири сезони, Петра Влхова и тренерот Мауро Пини ја прекинаа соработката, а Пини ѝ се придружи на италијанската репрезентација. Симоне дел Дио се повлече од функцијата тренер на машката слаломска селекција на Италија и ќе биде тренер на норвешкиот машки тим. Во алпскиот тим на САД се врати Џон Мекбрајд, по неколку години оддалеченост од секојдневното тренирање. Во Германската скијачка федерација се врати миленикот на навивачите, овој пат во нова улога, пишува ФИС. Томас Дресен, поранешен специјалист за брзи трки со 15 подиуми во СК (пет победи во спуст), влегува во тренерската работа, во германскиот машки тим за Европа купот. Н.М.