Фото: ООУ „В. Чернодрински“

Јубилеи

Општинското основно училиште „Војдан Чернодрински“, кое се наоѓа во скопската општина Карпош, во петокот, 16 мај, одбележа голем јубилеј – 70 години постоење. По тој повод беше организирана свечена прослава, која долго и осмислено беше подготвувана од целиот колектив, заедно со учениците. Училиштето гордо го носи името на истакнатиот македонски писател, патриот, револуционер, театарски режисер, уметник и основоположник на македонскиот театар Војдан Чернодрински.
„Патронен празник на училиштето – ден на гордост и инспирација. Пред големиот број родители, поранешни и сегашни наставници и гости, нашите ученици блеснаа со талент, љубов и верба во себе.Горди што заедно создаваме моменти за паметење.Ние не запираме. Ние веруваме. Ние сонувајќи одиме напред. Седумдесет години истрајна и посветена воспитно-образовна работа, 70 години развој на млади генерации, кои се иднина на нашата татковина.Честит и вековит да е Денот на училиштето!“, објавено е на профилот на училиштето на социјалната мрежа Фејсбук.
Во оваа образовна установа наставата се одвива на македонски јазик, во две смени.
Најпрво училиштето го носело името „29 Ноември“. Досега во него се образовале голем број генерации, а некои од нив станаа познати архитекти, научници, лекари, писатели, новинари, уметници, културно-уметнички работници, спортисти… Една од нив е пејачката Сузана Спасовска, која со своја точка учествуваше на прославата на јубилејот.

М.Т.