Фото: ЕПА

Тројца кинески астронаути денеска се вратија на Земјата по шестмесечен престој на националната вселенска станица Тјангонг, јави кинеската новинска агенција Синхуа.

Капсулата со тројцата членови на екипажот, меѓу кои и Ванг Хаозе, третата Кинеска во вселената, слетала околу 13 часот по локално време (5 часот по средноевропско време) во северен дел на Кина.

Мисијата Шенжу-19 официјално е завршена. Првичното враќање на астронаутите беше планирано за вчера, но беше одложено поради лоши временски услови на теренот.

Кина вложува милијарди евра во својота амбициозена вселенска програма. Целта ѝ е да испрати мисија со човечки персонал на Месечината до 2030 година и да изгради лунарна база.

Астронаутите од мисијата Шенжу-19 престојуваа во орбитата од октомври минатата година, каде спроведоа бројни научни експерименти, одржување на станицата и поставија рекорд за најдолг престој во отворен вселенски простор – повеќе од девет часа.

На 25 април, тројцата астронаути од мисијата Шенжу-20 влегоа на кинеската вселенска станица Тјангонг, каде што беа пречекани од членовите на претходната мисија Шенжу-19. Сцената на средбата беше прикажана од Пекиншкиот Центар за контрола на вселенски мисии. Ова е шеста ротација на екипажот во орбита во историјата на кинеската пилотирана вселенска програма, информираше Кинеската агенција за пилотирани вселенски летови.