Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првообвинетиот за убиството на Вања и Панче, Љупчо Палевски, тврди дека на денот на убиството на Вања бил во банка да плаќа сметки, по што отишол на пазар на купи грејач за котел, па се вратил во седиштето на политичката партија „Десна“ каде имал состаноци со членови од партијата.

Палевски, одговарајќи на прашања од неговиот бранител Јовица Страшески, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, рече дека не го сторил кривичното дело. Тој негираше вина дека учествувал во грабнувањето и убиството на Вања и Панче.

– Мотив да го направам ова кривично дело немам, не сум ни имал и не сум го сторил ова кривично дело за кои ми прочитавте цитат од обвинение и ме прашувате – изјави Палевски.

Според Палевски „со лажни наслови и манупулации“ се лаже јавноста повеќе од една година, нагласувајќи дека ОЈО иако одоземале хард-диск, не го вештачеле и тој не е приложен како доказ, односно, како што рече, „го крие, дека поседувам 200 илјади нелегално снимени разговори“.

– Овој случај е полн со индиции од местото на затрпувување на убиеното дете, од извор на жртвата во однос на зградата каде што жевеело детето, индиции кои се лажно и намерно направени – рече Палевски.

Прашан каде бил на 27.11.2023 година, денот на убиството, Палевски рече дека тој ден станал во 8 и 30 невообичаено рано за него го запалил котелот зашто му било ладно по што пристигнале материјали за криминал за повеќе од 500 милиони  долари по што дал налог на сопартијците да извадат секаква информација од интернет за набавка на ирански дронови.

Го прошетал кучето, читал вести, пиел кафе, и околу 10 часот тргнал накај Халк банка.

Палевски напомена дека Кешишев не бил тогаш во партијата и мислел дека е заминат за Штип што не било невообичаено.

Прашан, кога последен пат биле во зградата која ја има изградено, а од каде според тврдењето на ОЈО е грабната Вања Ѓорчевска, Палевски рече не бил повеќе од 25 години.

– Од 1999 година кога го продадов станот во таа зграда, пред повеќе од 25 години, каде беше сместена мојата фирма која ја градеше и продаваше зградата не сум бил во објектот каде е грабнато оштетеното дете, но сум бил до објектот од причини што на два метра од зградата до самиот влез поседувам трафостаница од која се напојуваат само 11 станови во таа зграда и неколку локали, исто така, од тој објект – рече Палевски.

Палевски, претходно одговарајќи на прашањата на неговиот бранител, рече дека  никогаш не го возел цитроенот на Жежовски, особено што во истрагата никогаш не биле земени траги од куќата на Жежовски и месноста Дупки каде што беше пронајден за, како што рече, да се утврди каде бил цитроенот кој беше запален и затоа обвинителството нема докази освен трагите од пред куќата на Панче од каде што другите обвинети го зеле автомобилот.

– Истрагата во СВР Велес е уништена – рече Палевски.

Прашан дали бил во куќата на Панче, Палевски рече дека не бил во куќата, ниту во нејзина околина.

– Не само што се нелогични туку и неточни, затоа што освен двете видеа за движење на возило што ги наведов, ОЈО со обвинителниот акт понудило и уште еден доказ за присуство во куќата на Панче Жежовски, а тоа е телефон марка Хонор сопственост на оштетениот Панче Жежовски. Тој доказ е вештачен по наредба на ОЈО Велес и утврдени се ДНК траги од извесен Александар Велиновски од Делчево кој не е ниту осомничен, ниту обвинет, траги од Љупчо Палевски, на тој телефон не постојат – рече Палевски.

Според Палевски, на куќата на Панче Жежовски не е направена криминалистичко техничка обработка, ниту пак подигнат било каков траг освен предметните списи. Палевски, исто така, рече дека дека не знае каде се наоѓа местото на настанот Рудник.

Во однос на тоа што на минатото рочиште беше спомнато од страна на обвинетите дека купувал алат, Палевски рече „не се сеќавам дека сум купувал алат, како што ме посочиле Влатко Кешишов и Велибор Манев“.

Прашан дали е точно дека го приморал Кешишов да ја смени изјавата, Палевски рече „не, неговите изјави се и онака различни затоа и беа прочитани од ОЈО“.

– Во една тврди дека алатот е оставен на место на настан Дупки, дека претходниот ден е копана дупката за Вања, за да во судот, по координација со судијката Крстиќ и адвокатот Ефремов го промени својот исказ и каже дека не се сеќава дека е претходно копано и дека според него алатот е изваден од Реното Кангу – рече Палевски.

Палевски, рече дека ОЈО утврдило дека тој пукал во Панче Жежовски без ниту еден доказ, благодарение на исказот од Велибор Манев, кој исказ, како што посочи „во три распити е сосема различен еден од друг“.

– Никогаш не сум бил на место на настан Рудник и не сум пукал во Панче Жежовски, но, Панче Жежовски дефинитивно не е убиен на 22.11.2023 година затоа што е невозможно во таков краток временски период на камерите на хотел Романтик возилата да бидат забележани во 10:30, а првиот повик на Влатко Кешишев да му биде во 11:47 минути видно од телефонска анализа на ОЈО да се пројдат 60 км по споредни патишта, да се изнесе од кола, да се убие. Сѐ тоа во овие два докази – рече Палевски.

Палевски, исто така, рече дека не е точно дека тој ги набавил моторолите.

– Точно е дека ме интересирало, но кога Велибор Манев ги набави во штабот, не размислував за мотороли, затоа што доколку ми требаа, ќе ги побарав од него – рече Палевски.

Прашан дали набавувал WD40 и за која намена, Палевски рече дека не набавувал и дека смета дека судот утврди кој купувал, односно била покажана фискална сметка пронајдена кај Велибор Манев.

Палевски, претходно денесак во во својот исказ пред Судот, повторно ги оспори обвинувањата против него, тврдејќи дека доказите на обвинителството се нецелосни и манипулативни.

Палевски е последниот сведок кој треба да сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети. Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека, Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.