Во конкуренција на 201 шахист од 41 држава, Романов освои осум поени од можни девет
ШАХ – 22. „ОПЕН БАНГКОК 2025“
Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (2.590 рејтинг-поени, рангиран трет пред почетокот) постигна голем успех, освојувајќи ги првото место на еден од најпрестижните меѓународни шаховски турнири во Азија, 22. по ред „Опен Бангкок 2025“ (Тајланд), победничкиот пехар и паричната награда од 3.000 долари. Притоа оствари играчки перформанс од 2.647 рејтинг-поени и освои нови 9,1 р.п. Тоа е наедно и првпат на овој турнир да победи шахист од Македонија, а на кој во минатото славеле врвни шахисти како Најџел Шорт (годинава е седми), Јан Густафсон (годинава е деветти), Франциско Валехо Понс и други.
Во конкуренција на 201 шахист од 41 држава (10 ВМ, еден ЖВМ, 12 ЖИМ, четири ЖИМ, 15 ФМ, четири ЖФМ), Романов освои осум поени (седум победи и две ремија, без пораз). Меѓу другите успеа да ги победи ВМ од Индија, Бабу Лалит (2.495, рангиран шести) и Сурија Гангули (2.572, рангиран четврти), кои на крајот завршија на третото, односно на четвртото место со седум поени, додека втор е ИМ од Филипини, Пауло Берсамина (2.411, рангиран 12-ти) со 7,5.
Романов (36) е победник на повеќе силни меѓународни турнири. Бил тренер на норвешкиот машки тим на Шаховската олимпијада (ШО) во 2014 и на германскиот машки тим на ШО 2016. Носител е на бронза на ШО 2018 и на сребро на екипното ЕП 2019 како тренер на грузискиот женски тим. Во 1998 ги освоил руските и светските младински шампионати во категоријата до 10 години, а бил прв на ЕП 2000 за млади до 12 и до 14 години во 2002. Лани ги бранеше боите на Македонија на ШО во Будимпешта (Унгарија). Г.И.