Напаѓачот што го изврши терористичкиот напад во близина на божиќниот базар во Стразбур бил криминалец кој им бил познат на службите за национална безбедност. Тој бил радикализиран додека бил во затвор во Германија и Франција, пренесува „Гардијан“.
– Имајќи ги предвид избраните цели, неговиот начин на дејствување, неговиот профил и сведочењата на оние што го слушнале како извикува „Алах акбар“, беше ангажирана антитерористичката полиција – изјави Хајц.
Полицијата го идентификувала напаѓачот, кој се уште е во бегство, како 29-годишен жител на Стразбур, Шериф Шекат, кој е француски државјанин и им бил познат на властите како радикален исламист. Во нападот загинаа три лица, а 13 се повредени, од кои осум се во сериозна опасност. Повредениот напаѓачот успеал да избега од местото на нападот со такси.
– Мотивот на напаѓачот засега е непознат, и советуваме граѓаните да бидат претпазливи. Истрагата е во тек и приоритет е неговото фаќање – вели Лоран Нуњез од Министерството за внатрешни работи на Франција.
Околу 350 безбедносни единици се ангажирани за потрагата на напаѓачот. При претрес на домот на напаѓачот, полицијата пронашла рачна бомба, пушка и четири ножа. Претресот бил извршен во утринските часови кога полицијата дошла да го уапси напаѓачот под сомнеж за вмешаност во обид за убиство и грабеж. По претресот на неговиот стан, полицијата уапсила пет лица за кои се верува дека биле поврзани со нападот, а затворни биле и поголемите патишта во државата.
Овој напад се случи во тензичен и бурен период во кој се наоѓа Франција, за време на народните немири покренати од движењето на „жолтите елеци“, а француската влада го подигна нивото на безбедност во земјата.