Амбасадорката на САД во Украина, Бриџит Бринк, треба да ја напушти функцијата по три години служба, соопшти вчера Стејт департментот. Според американски медиуми, амбасадорката заминува поради несогласувања со новата политика на администрацијата на Доналд Трамп и затегнати односи со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Западни дипломати кои работат во Украина ја опишале Бринк како „најважен бранител на Киев“ во контекст на руската воена агресија. Сепак, според нив, во последно време таа ја променила реториката и се приближила со позицијата на Трамп. Посебно по неодамнешниот напад со балистичка ракета врз Криви Риг кога загинаа 20 луѓе, меѓу кои и девет деца, Бринк во објава на „Икс“ не посочи дека за тоа одговорна е Москва. Ова предизвикало незадоволство кај Зеленски, кој изјавил дека бил „непријатно изненаден“, бидејќи САД сега „се плашат да го изговорат зборот ‘руска’, кога зборуваат за ракетата што уби деца“.
Бринк, која беше номинирана од Џо Бајден во 2022 година, важеше за еден од најгласните поддржувачи на воената помош за Киев.
Како можен наследник се споменува Крис Смит, кој претходно служеше како заменик шеф на амбасадата во Киев.