Времеплов
Кога го отвораме прозорецот,
сеедно кога, во која доба,
целиот град влегува и
се сместува
меѓу четирите ѕида во
нашата соба.
Кога го отвораме прозорецот,
а ноќе и небото кипи од ѕвезди,
нешто незнајно,
без почеток и крај
во собата наша се влева
и гнезди.
Кога го отвораме прозорецот
и во најтемната ноќ влегува сјај,
а прозорецот се шири и
разлева,
и мислите се гонат, се ројат
без крај.
Дури да го отвориме и срцето
дури тогаш кога врз него
и тага врне,
та да навлезат сите убавини и
добрини,
а тоа да се шири и цел свет
да го згрне!
Глигор Поповски (Будинарци, Беровско, 1 април 1928 – Скопје, 14 мај 2007),
македонски писател за деца, поет, раскажувач, романописец и преведувач