Зошто треба да продолжиме да се менуваме за да го изградиме системот

Сите знаеле во какви услови работела наведената дискотека, која ја нарекоа дискотека на смртта, и со право. Таа успеала да добие дозвола, со што, за жал, успеала и да го стави на стрес-тест целиот систем, законодавство, локална власт, и на крајот цената ја плативме најскапо што може да ја плати една нација – со животи, со млади животи, со смрт на деца. Кочани е град завиен во црно, Македонија е држава што ќе тагува. Кочани со децении нема да закрепне од оваа трагедија. Зошто?

Кои одговори се очекуваат од институциите?

Брза, експертска, истрага на најпрофесионално ниво е потребна по големата трагедија што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Оваа трагедија е последниот аларм за институционално и општествено будење, затоа што оваа несреќа не е нешто што се случило инстант, нешто непредвидено и мора на неа да се гледа како на последица на еден синџир на многугодишното несоодветно постапување на институциите (и на сопствениците на овој објект и на сличните на нив низ целата држава).
Тоа е едната линија на истрагата, а втората е поврзана со последиците од неа зашто мора да се гледа како дел од еден поширок и регионален, но и друг контекст. Тоа значи дека властите не би смееле да паднат во стапицата на политизирање на оваа голема несреќа и земјата, наместо да оди кон расчистување на случајот, да тргне кон криза.
„Пулс“ не е единствената црна точка на македонското општество, а секако дека е една од најголемите несреќи што нѐ опоменаа дека државата мора да се мобилизира и да се менува.
Зошто треба да се менуваме, да го ремонтираме системот?
Сите знаеле во какви услови работела наведената дискотека, која ја нарекоа дискотека на смртта, и со право. Таа успеала да добие дозвола, со што, за жал, успеала и да го стави на стрес-тест целиот систем, законодавство, локална власт, и на крајот цената ја плативме најскапо што може да ја плати една нација – со животи, со млади животи, со смрт на деца. Кочани е град завиен во црно, Македонија е држава што ќе тагува. Кочани со децении нема да закрепне од оваа трагедија. Зошто?
Затоа што системот одамна е многу длабоко корумпиран и тој не успеал да ги употреби успешно сите свои заштитни филтри.

Само се чекал часот кога ќе се случи ваква голема трагедија. Затоа што системот сѐ уште се колеба и се килави што да направи во случаи како што е модуларната болница во Тетово, каде што изгореа живи пациенти. Зошто? Има ли правда за настраданите и нивните семејства? Зошто се гледало низ прсти за превозници што автобусите ги претворија во автобуси на смртта? Зошто контролите не си ја завршиле својата работа? Зошто не се применува подобро да се спречи отколку да се лечи?
Отидовме предалеку и станавме жртви на еден децениски корумпиран систем, нели? Станавме хроничари на смртта, а не добивме соодветни одговори главно од судско-обвинителскиот систем.
Можеме да набројуваме уште многу случаи во кои системот потфрлил, но сѐ е залудно ако државата не се зафати да се бори стандардите да бидат за сите, законите да важат за сите. А, многу, многу сме далеку од еден таков систем. Но да веруваме дека нештата ќе се сменат.
Рековме дека не смее од овој настан сега да се собираат политички поени. Да бидеме искрени, нема за што, оти цели 30 години се вртиме во круг, носиме закони за да не ги почитуваме. Срамно и недостоинствено. Нека се мобилизираат сите и нека ја видат суштината на проблемите.
Не ни требаат свирчиња и графити, ни треба вистинска револуција на свеста, на умот, секој да го сработи она во што е најдобар и да го даде својот максимум. Тоа е највисокиот степен на патриотизам што една личност може да го даде од себе, кон својата држава, нација, семејство. Имаме многу работа, многу пропуштена работа. И одговорност! Р.Н.М.