Правилата ни овозможуваат безбедност, но и воспоставуваат одреден ред

Најпрвин од името на редакцијата на „Нова Македонија“ изразуваме најдлабоко сочувство кон семејствата на настраданите за нашата ненадоместлива загуба и упатуваме сочувство кон роднините, пријателите и кон целата македонска јавност. Во овие најтешки мигови македонската историја ќе биде сведок на најголема болка, но истовремено и ќе сведочи на заедништво, сплотеност, сочувство и поддршка, која ни е потребна на сите, заради сите што прерано заминаа, а требаше заеднички да градиме подобра иднина…

Во секое општество постојат одредени правила, прописи, норми или протоколи што треба да се почитуваат од поединците и заедницата. Недостигот од прописи води кон анархија, тука пред сѐ мислиме на отсуството на утврден поредок, а не општествено уредување во кое се настојува да се анулира секоја форма на наметнат авторитет, нешто што се проповеда од анархистичките филозофи. Доколку се земе предвид сегашниот мисловен развој на човекот, анархистичките мисловни верувања во човековата природна способност на самоконтрола се утопистички. Нештата не можеме да ги хипергенерализираме, едно општество се состои од милиони или милијарди поединци и личности, а секоја личност има одредени карактерни црти, како што се импулсивност или егоизам. Ако се земе предвид тоа, не секој човек има самоконтрола и не секој човек е свесен за своите постапки, па оттука тезата дека не се потребни општествени правила или норми е апсурдна.
Но зошто ни се потребни општествените прописи или протоколи? Прописите се важни затоа што овозможуваат поголема хармонија во општеството и го одржуваат граѓанското однесување во заедницата. Истовремено, правилата ни овозможуваат безбедност, но и воспоставуваат одреден ред. Доколку нема правила, ќе се најдеме во ситуација кога сите зборуваат одеднаш и никој нема да може да слушне што говори некој. Слично е и во сообраќајот, само замислете што би се случило доколку секој поминува на црвено или вози со неверојатно брзина, како што беше примерот со автобусот на автопатот Скопје-Тетово, кој возеше со 120 километри на час и се преместуваше од една на друга коловозна лента, поради што се вознемири пошироката јавност.

Не смееме да ја заборавиме ниту важноста на протоколите бидејќи тие генерално се однесуваат на меѓусебната интеракција на поединците во општеството или заедницата. Тука не мислиме на протоколот при организирање одредени настани и манифестации, кој се состои од одредени формалности или насоки, туку на нешто друго. Во суштина, протоколот не е само манир или правило, тоа е срцевината на етичкиот систем. Не случајно се вели дека протоколите се важен дел од сите култури, бидејќи обезбедуваат одредени насоки како поединците да се третираат меѓу себе, со почит и корисен начин. Бидејќи секоја личност се разликува од другите во општеството, протоколот им овозможува на поединците полесно да комуницираат и да општат помеѓу себе. Со други зборови, протоколот овозможува синхронизација помеѓу сите чинители во општеството, институциите и граѓаните, со што се овозможуваат позитивна координација и функционалност на општествениот систем.
Но почитувањето на правилата има и еден друг аспект. Психолозите велат дека кога ги учиме децата да ги почитуваат правилата, кај нив се развива чувството на емпатија и обѕир кон другите, како и дека при воспоставувањето на правилата, децата стекнуваат вредни животни вештини како што е самодисциплината, која им овозможува да останат фокусирани и да носат одговорни одлуки. Тука би можеле да ја споменеме и т.н. етика на реципроцитет, која се среќава во сите светски религии, а вели однесувај се кон другите како што би сакал и тие да се однесуваат кон тебе. Реципроцитетот е важен бидејќи од него потекнува уште една суштинска општествена карактеристика – заемноста или меѓусебноста, нешто без кое заедницата не може да функционира.

Прописите се важни затоа што овозможуваат поголема хармонија во општеството и го одржуваат граѓанското однесување во заедницата. Истовремено, правилата ни овозможуваат безбедност, но и воспоставуваат одреден ред. Доколку нема правила, ќе се најдеме во ситуација во која сите зборуваат одеднаш и никој нема да може да слушне што говори некој. Длабоко сум убеден дека доколку дисциплинирано, грижливо и сериозно ги почитувавме правилата и протоколите, никогаш немаше да се случи немилиот настан во Кочани или трагичната судбина на Фросина Кулакова од Неготино и многуте други слични во кои системот длабоко потфрла…

Сега да се насочиме кон прашањето на денот! Почитувањето на правилата, прописите, протоколите и сѐ така до бесконечност е важно затоа што тоа ни овозможува избегнување на трагедиите, како што беше неодамнешната со тешката сообраќајна несреќа кај комплексот „Александрија“ во Ѓорче Петров, кога едно од возилата обидувајќи се да претекне друго удрило директно во мотоциклист, или трагичната со загинатите во Кочани. Длабоко сум убеден дека доколку дисциплинирано, грижливо и сериозно ги почитувавме правилата и протоколите, никогаш немаше да се случи немилиот настан во Кочани или трагичната судбина на Фросина Кулакова од Неготино. Крајно е време да се замислиме што правиме како поединци, но и како држава и нација. Не треба веќе да ни се повторуваат слични немили настани, кога млади лица ги губат своите животи во ситуација кога многу лесно можело да се избегне тоа.
Засега сѐ уште сме далеку од еден востановен систем, ред и поредок. Но, да веруваме дека нештата ќе се сменат. Пред нас имаме многу работа, многу пропуштена работа, која треба да ја надоместиме. Нашите пријатели, другари, соборци што завчера заминаа од Кочани во вечноста ќе ни недостасуваат. Многу ќе ни недостасуваат. Но, со нив во мислите, мисијата ќе ја исполниме. Заеднички. Апсолутно!