Студентскиот протест во Белград, кој денеска се одржуваше под мотото „15 за 15“, заврши откако студентите го прогласија за завршен поради инцидентот што се случи за време на 15-минутниот молк за жртвите од несреќата на железничката станица во Нови Сад. Инцидентот се случи околу 19 часот кога група луѓе фрлија пиротехнички средства во правец на кампот во Пионирски парк каде се наоѓаа студенти кои бараат протестите да престанат, по што редарите од студентскиот протест ги соблекоа редарските елеци и се повлекоа, јави МИА од Белград.
Студентите веднаш потоа соопштија дека собирот е завршен и дека не преземаат одговорност за она што ќе се случи по завршувањето. Тие и претходно најавија дека протестот се прогласува за завршен ако има инциденти или повредени кои не биле предизвикани од студентите.
Дел од илјадниците студенти и граѓани си заминаа, а останатите од плоштадот Славија, каде што се одржуваше собирот, отидоа пред Собранието на Србија. Набрзо полицијата соопшти дека инцидентот е расчистен и дека собирот може да продолжи.
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека на повеќе локации во центарот на Белград имало инциденти и тепачки меѓу дел од учесниците на денешниот протест, кои, како што соопшти, повеќепати ги напаѓале полицајците.
На големиот протест „15 за 15“ беше побарана одговорност за смртта на 15 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад и поправедно и подобро општество без корупција и без политички притисок и влијание на институциите. Студентите во блокадата денеска порачаа дека најостро го осудуваат секој облик на насилство и дека целта на денешниот протест не е да се упадне во ниту една институција, ниту да се нападнат неистомислениците.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во изминатите денови изјавуваше дека собирот ќе биде насилен, и дека „надлежните знаат“ за сценариото за предизвикување инциденти, но дека земјата на 15 март „ќе стави крај на обоената револуција“.