Фото: „Нова Македонија“

Во идеологијата на Трамп е инкорпорирана објективната потреба (и моментум) за ревидирање на американската дотогашна глобална стратегија во делот од геополитиката, дипломатијата, идеологијата… По доаѓањето на новиот претседател, предмет на ревизија ќе бидат сите досегашни политики на САД. Според аналитичарите, ова е почеток на еден пресврт во историјата на САД, со длабока ревизија на нејзината стратегија, дизајн и структури и, секако, на нејзината досегашна неолиберална идеологија… Македонија, пак, не била досега на погрешната страна на историјата…

Исчекор кон зајакнување на американскиот идентитет и обединување на западните општества во рамките на една, не глобална, туку регионална, западна цивилизација

Оние што сѐ уште не сакаат или, пак, не можат да го разберат новото геополитичко цунами на суверенизмот, односно на самоопределувањето на народите и враќањето на улогата на нациите и националните држави како централни единици во системот на меѓународните односи, од петни жили се трудат со клевети, навреди, инсинуации и различни опскурни предвидувања и сценарија да го оцрнат „реализмот во меѓународните односи што веќе го признава националниот суверенитет и не бара негово укинување“.

Трамп не ги „преуредува насилно меѓународните односи“, туку го враќа духот на суверенизмот во светскиот поредок

Во својата статија со наслов „Новите правила на Америка: Стариот поредок се разниша – дали може да одговори на тоа?“, објавена на 8 март 2025 година, д-р Лесли Винџамури, директор на програма за САД во институтот за меѓународни работи „Чатам хаус“ во Лондон, се огласи со остри критики на сметка на Трамп, обвинувајќи го дека се обидува „насилно и радикално да ги преуреди меѓународните односи“.
– Политиката на Трамп ги изненади речиси сите. САД го загубија моралниот компас. Трамп ги нападна сојузниците и се спријатели со автократите. Тој ги наруши темелите на либералниот меѓународен поредок. Заложбата на САД за мултилатерализам, трансатлантското партнерство, па дури и нормата на суверенитет се прекршени. Трамп се обидува насилно и радикално да ги преуреди меѓународните односи. Новиот светски поредок се кове во пепелта на Минхенската безбедносна конференција каде што потпретседателот Џеј Ди Венс ги предаде либералните вредности, кои за многу Европејци се свети како територијалниот суверенитет. Првата геополитичка цел на Трамп е западната хемисфера – нагласува Винџамури во својата статија.
Поранешниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски, исто така „високо го крена“ својот глас против американскиот претседател Трамп, нарекувајќи го „трансакциски претседател“, тврдејќи дека „со него не се наредиле рамо до рамо најголемите држави од групата Г7, туку тие вагаат, мерат кои се нивните интереси и што можеш со ваквиот претседател на САД да постигнеш за својата држава“!
– Новото нормално не ја преплави Америка, не ја преплави американската политичка сцена, таму си има јасно позиционирана опозиција. Новото нормално нема да ги преплави ниту северноамериканскиот континент ниту Европа, новото нормално не ги преплави Мексико и Канада. Америка има двајца сојузници во светот, само со две држави има посебни релации, Велика Британија и Израел. Британија не ја преплави новото нормално. Десет години од брегзит, Британија е поблиска до Брисел и Париз отколку до Вашингтон. Ние сме мала држава, ние не сме светска велесила, туку меѓу најмалите на Балканот и нам не ни личи да истрчуваме, да бидеме брзи и први да се позиционираме до Трамп. Не можам да разберам што е ова истрчување, знаејќи дека сме многу мала држава со мали ресурси – кажа, покрај другото, Пендаровски во интервјуто за ТВ Сител.

Отворањето на новите хоризонти на просперитетот е отворање развојни хоризонти и за малите држави

Трамп е државник и лидер на Соединетите Американски Држави, кој има репутација на „непредвидлив уривач на постојниот светски поредок“ и кој се грижи, пред сѐ, за својата земја, реализирајќи ја својата републиканска програма МАГА, „Да ја направиме Америка повторно голема“. Но отворајќи нови простори кон прогресот за САД, Трамп отвора простори и за помалите држави, бидејќи ги крши, ги „дроби“ стегите на глобализмот и неолиберализмот, кој пушти многу длабоки корени не само во Америка туку и на европскиот континент. Жртва на глобализмот и неолиберализмот беше и Република Македонија преку сите досегашни експерименти и инженерингот со нејзината државност и идентитетско-историскиот комплекс на македонскиот народ, чии последици допрва ќе треба да се отстрануваат.
Во својот впечатлив говор во американскиот Конгрес на 4 март 2025 година, шефот на американската држава повторно упати силна порака до американскиот народ, која има свое значење како важна инспирација и за Македонците.
– Американскиот моментум се враќа. Духот ни се враќа. Нашата гордост се враќа. Нашата самодоверба се враќа. Американците отсекогаш биле луѓе што пркоселе на сѐ, ги надминувале сите опасности, правеле исклучителни жртви и правеле сѐ што е потребно за да ги одбранат своите деца, својата земја и својата слобода. Истата сила, вера, љубов и дух сѐ уште се живи и остануваат како стремеж во срцата на американскиот народ. И покрај максималните напори на оние што би се обиделе да нѐ цензурираат, да нѐ замолчат, да нѐ скршат, да нѐ уништат, Американците денес се горда, слободна, суверена и независна нација, која секогаш ќе биде слободна и ќе се бориме за тоа до смрт – кажа Трамп во својата реч во Конгресот на САД.

Македонија била и ќе остане поврзница на Западот и Истокот и ќе ги напушти балканската кал и европската периферија

Тој нагласи дека Американците ја земаат повторно судбината на Америка во своите раце.
– Никогаш нема да дозволиме ништо да ѝ се случи на нашата сакана земја, затоа што сме земја на сторители, сонувачи, борци и на оние што преживуваат. Сега е наше време да ја преземеме праведната кауза за американската слобода. И наш ред е да ја земеме судбината на Америка во свои раце и да ги започнеме највозбудливите денови во историјата на нашата земја. Повторно ќе ја откриеме незапирливата моќ на американскиот дух. И ние ќе го обновиме неограниченото ветување за американскиот сон. Секој ден ќе се бориме за државата во која веруваат нашите граѓани и за државата што ја заслужува нашиот народ – вели тој.
Република Македонија е држава на европскиот континент, но таа отсекогаш низ илјадалетијата и низ вековите била „Копча на светот“, крстосница и поврзница на Западот и Истокот, земја, цивилизација и народ, кои му припаѓале и на Западот и на Истокот. Република Македонија и денес треба со својата внатрешна и надворешна политика да се стреми и кон Западот и кон Истокот, не дозволувајќи да биде заглавена во балканската кал, ниту да биде вкотвена уште многу години на крајната европска периферија, што е без сомневање цел на постојнава Европска Унија. Треба да се открие незапирливата моќ и на македонскиот дух, треба и ние секој ден да се бориме за државата македонска, во која веруваат нашите граѓани и за државата што ја заслужува нашиот народ. И како одговор на многуте дразби што преку медиумите допираат до јавноста: ете ја поврзаноста на Македонија со Трамп и Трампова Америка. Оттаму зрачи моќна политичка и државничка филозофија, која вдахновува дека е време и за Македонците да ја преземат праведната кауза за македонската слобода, оти е редот Македонците да ја земат судбината на Македонија во свои раце!
Надворешната политика на Македонија веќе се движи во оваа насока, постројувајќи се до Доналд Трамп и САД, и токму ова е она што толку ги вознемирува и ги избезумува домашните потрошени политичари приврзаници на идејата дека „нашата земја е мала и безначајна држава, на која не ѝ прилега да се истрчува и прва да се позиционира до Трамп“… Македонија ниту била мала, по ниедна основа, ниту ќе биде…

Свето Тоевски