Полското Министерство за внатрешни работи, заедно со Министерството за одбрана и владиниот безбедносен центар, до крајот на годината ќе изработи и ќе достави до секое семејство во земјата список со препораки за преживување во кризни ситуации.
Водичот ќе содржи информации за преживување во услови на долгорочен недостаток на основни потреби, вклучително и електрична енергија, како и список на предмети што треба да се подготват за евентуална евакуација.
-Водичот ќе биде завршен во април, а како дел од Програмата за заштита на населението и цивилна одбрана во втората половина на годината, неговата печатена верзија ќе биде доставена до секое домаќинство во Полска – соопшти полското Министерство за внатрешни работи.
Водичот ќе содржи информации за тоа како да се преживее 72 часа во кризна ситуација, какви резерви на храна да се обезбедат и како да се преживее неколку дена без струја. Ќе дава совети и за граѓаните за спречување на пожари во домот, пружање прва помош и грижа за домашни миленици за време на криза.
Полското Министерство за внатрешни работи нагласи дека овој водич не се однесува само на воени ситуации туку и на природни катастрофи.
Полскиот премиер Доналд Туск неодамна изјави дека Полска треба да собере армија од половина милион војници, вклучително и резервисти, за адекватно да одговори на можните воени закани. До крајот на годината, владата планира да започне програма за обука на резервистите која ќе вклучува обука на целата машка популација.