Германско-словачкиот филм за деца „Летни бунтовници“ се прикажува во Кинотеката во Скопје и во киното „Манаки“ во Битола, во терминот од 18 часот. Станува збор за семејна комедија синхронизирана на македонски јазик, која ќе ве одведе на незаборавно патување полнo со смеење, авантури и малечки бунтовнички моменти. Од сабота во 18 часот филмот ќе се прикажува и во Центарот за култура во Битола, а ќе биде и на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје до 12 март.
Во филмот, во режија на Мартина Сакова, главен лик е 11-годишниот Јонас, кој сонува за лето полно со авантури кај својот суперзабавен дедо покрај реката, но неговата мајка има сосема поинакви планови. Не дозволувајќи ништо да го спречи, Јонас тргнува во своја бунтовна мисија, исполнета со пријателства, непредвидени катастрофи и, на крајот, вистинско искупување. Во главните улоги се појавуваат талентираните актери Елијаш Вискочил, Павел Нови и Лијана Павликова.