Арсенал стана првиот тим што постигнал седум гола на гости во нокаут-рунда на Лигата на шампионите
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Во ефикасната вечер во првите четири меча на осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), во кои беа постигнати 17 гола, Арсенал постави рекорд на натпреварувањето откако стана првиот тим што постигнал седум погодока на гости во нокаут-рунда на Лигата на шампионите, во победата со 7-1 на дуелот со ПСВ Ајндховен.
Тренерот на Арсенал, Микел Артета, рече дека победата им дала на неговите фудбалери „радост, самодоверба и верба“, но кога му биле поставувани прашања за рекордите што неговиот тим ги соборил, тој одговорил: „Сигурно, тоа е нешто што не е направено, одлично е да се биде дел од тоа. Но како тим сакаме да постигнеме многу други работи што се многу поважни од тоа. Најдобро е што сме во многу силна позиција да одиме во следната рунда, каде што сакаме да бидеме. Но има уште работа во Лондон по една недела“, рече Артета, пренесе „Би-би-си“.
Напаѓачите на тимот од Лондон, Габриел Жесус и Каи Хаверц, се повредени, а на дуелот во вторникот шест различни играчи придонесоа за победата, откако Мартин Одегард постигна два гола, а по еднаш мрежата ја затресоа Јуриен Тимбер, Микел Мерино, Итан Нванери, Леандро Тросард и Рикардо Калафиори.
Победникот на овој дуел во четврт-финалето ќе се сретне со подобриот од градското дерби Реал Мадрид – Атлетико Мадрид. Во првата средба Реал Мадрид победи дома со 2-1. Во другите натпревари одиграни од вторникот Астон вила на гости славеше кај Клуб Бриж со 3-1 (победникот во четврт-финалето ќе игра со победникот на дуелот Пари сен Жермен – Ливерпул), а Борусија Дортмунд и Лил одиграа нерешено, 1-1 (подобриот ќе се сретне со победникот на мечот Бенфика – Барселона). Синоќа на програмата беа уште четири осминафинални средби, Феенорд – Интер, Пари сен Жермен – Ливерпул, Бенфика – Барселона и Баерн – Баер. Реваншите се идната недела.
Н.М.
ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ
Клуб Бриж – Астон вила 1-3
Реал М. – Атлетико М. 2-1
ПСВ Ајндховен – Арсенал 1-7
Борусија Д. – Лил 1-1
Феенорд – Интер синоќа
ПСЖ – Ливерпул синоќа
Бенфика – Барселона синоќа
Баерн – Баер синоќа
реваншите се идната недела