Го подигнувам знакот „СТОП“ за данокот во крв на нашите улици

На сите им е јасно дека не постои земја што целосно има контрола над сообраќајот, бидејќи секој има некоја Партизанска каде што сака да демонстрира колку е брз неговиот автомобил или, пак, секаде има возачи што си велат „уште една од нога, нема белки денес да ме сопре полиција“. Но, на нас е да решиме дали сакаме да бидеме држава што сериозно води грижа за учеството во сообраќајот или да бидеме на врвот на црните листи. Изборот е наш

Другарка на ќерка ми има обичај секој почеток на март да ја најави пролетта на Фејсбук: „Доаѓањето на пролетта не ми го најавуваат кокичињата, туку неподносливиот татнеж на моторите што дивеат по Партизанска“. Јас бидејќи не живеам на Партизанска, а живеам на исто така фреквентна улица, воопшто не го чувствувам менувањето на годишните времиња. Уличните трки под нашиот балкон се одвиваат непрекинато. Единствено што се менува е доаѓањето на некои нови ликови, со нови автомобили, кои ги дрифтуваат, или како и да се вика непотребното турирање на моторот во место, со правење кругови со задните тркала, веројатно со користење на рачната кочница.
Но, тоа е само дел од манифестациите што иритираат и кои претставуваат поголема или помала опасност за учесниците во сообраќајот. Како резултат на тоа се застрашувачките и опоменувачки статистички податоци до кои дојдовме со повеќедневната анализа на официјалните документи на надлежните служби, Министерството за внатрешни работи и Заводот за статистика, а за што имаме посебна тема во денешниов број и во деновите што доаѓаат. Бројки што опоменуваат и едноставно не ве оставаат на мир кога влегувате во своето возило и се вклучувате во сообраќајот. Се разбира, доколку не сте од оние што секојдневно ги исполнуваат графите во црната статистика, каде што со неверојатна прогресија расте бројот на оние без дозвола, на оние со алкохол во крвта или, пак, оние што свесно седнуваат зад воланот на неисправни возила. Списокот на прекршоци е долг, како што е долга и листата на луѓето што се „повратници“, односно кои по неколкупати се казнувани за еден ист прекршок.
И навистина, човек не може а да не се запраша што е тоа во човековото битие што го тера кон кршење на сообраќајните прописи. И денеска на нашите страници, како вовед за обемната анализа што ќе оди во три продолженија, пренесуваме две соопштенија на МВР – едното е само за еден ден, вторникот, завчера, а второто е преглед за февруари. Бројките повторно се застрашувачки. И загрижувачки, се разбира. Исто како што беа загрижувачки неодамнешните податоци за пресекот на изваденото од снимките на безбедносните камери што ги покриваат нашите улици. Ако е некаква утеха за граѓаните, среќа е што ова е пробен период, па казните не се никаде евидентирани и никој нема да ги почувствува на трансакциската сметка. Но што ќе правиме од Нова година, кога системот ќе се имплементира? Или, ајде да се обидеме да бидеме шеговити, дотогаш ќе ги смениме навиките?
Не е време за шега, особено не по последните несакани случувања на нашите улици кои однесоа човечки жртви. Наместо шега, време е за сериозен пристап на сите учесници во сообраќајот. Градските улици, па дури ниту патиштата надвор од градските средини, кои главно се во очајна состојба, не се место за одмерување на силата на коњите складирани под хаубата на моторот. Алкохолот во никој случај не е добар сопатник, а не е никаква итроштина или мудрост да се најде „врска“ при регистрација на неисправен автомобил за да се добие печат за непречено возење.
Данокот во крв што секојдневно го земаат нашиве улици и патишта е прескап за да се однесуваме неодговорно, секој од нас поединечно, кои на еден или друг начин се вклучуваме во сообраќајот. Се разбира, тука не ги исклучуваме ниту пешаците, кои статистички се меѓу најчестите жртви, затоа што и тие неретко ги игнорираат прописите, па свесно или несвесно се ставаат во ситуација да испровоцираат инцидент.
Сообраќајната култура е нешто што се учи од најмали нозе, нешто што родителите го всадуваат во детските глави, а што потоа се развива низ образовниот и воспитниот процес. Колку повеќе сме подготвени да ги прифатиме сите елементи што ни се потребни низ животот толку помалку проблеми ќе имаме, односно ние ќе бидеме предизвикувачи на такви проблеми. Игнорирањето на правилата и прописите нема да не однесе никаде. Можеби ќе имаме луда среќа во еден или два наврата да минеме без последици, но еден ден неизбежно ќе се соочиме со нив.
Зошто? Зошто да бидеме дел од црната статистика, кога можеме сосема безбедно да бидеме дел од сообраќајот, само ако малку се потрудиме да го следиме она што ни го укажуваат од мали нозе.
На сите им е јасно дека не постои земја што целосно има контрола над сообраќајот, бидејќи секој има некоја Партизанска каде што сака да демонстрира колку е брз неговиот автомобил или, пак, секаде има возачи што си велат „уште една од нога, нема белки денес да ме сопре полиција“. Но, на нас е да решиме дали сакаме да бидеме држава што сериозно води грижа за учеството во сообраќајот или да бидеме на врвот на црните листи. Изборот е наш.