Бугарија

Бугарија ќе побара од Европската комисија и од Европската централна банка процена дали ги исполнува сите критериуми за влез во еврозоната во јануари идната година, изјави во јавноста бугарската министерка за финансии Теменушка Петкова.
– Последните податоци покажаа дека Бугарија ја исполни целта за инфлацијата – рече министерката за финансии Теменушка Петкова, мислејќи на стапката на инфлација од 2,6 отсто во февруари.
За да ѝ се приклучи на еврозоната, стапката на инфлација на една земја не може да биде повисока од 1,5 процентен поен над стапката на трите земји членки со најдобри резултати. Бугарија, која е најсиромашна земја во ЕУ, ја објави својата цел да ѝ се приклучи на еврозоната следниот јануари. Таа допрва треба да го усвои својот буџет за годинава, кој ќе ја постави целта на дефицитот на три отсто од бруто-домашниот производ, што е граница за членство во еврозоната.
Економистите велат дека Бугарија, чија валута, левот, долго време е врзана за еврото, ќе привлече повеќе странски инвестиции доколку ја усвои единствената валута и ќе обезбеди подобрување на кредитниот рејтинг, што би можело да ги намали трошоците за финансирање на нејзиниот долг.
Бугарите се поделени околу воведувањето на еврото, а многумина се загрижени дека тоа ќе предизвика вртоглав раст на цените, како што се случи во Хрватска кога го усвои еврото во 2023 година. Во саботата, неколку илјади приврзаници на бугарската ултранационалистичка партија Преродба се пресметаа со полицијата додека се обидуваа да упаднат во зградата на мисијата на Европската Унија за време на протестот против воведувањето на еврото. Р.С.