Народната поговорка вели не прави им го на другите она што не сакаш ниту тебе да ти го прават. Олаф Шолц, Емануел Макрон и разноразните европски комесари за таканареченото „проширување на ЕУ“ доаѓаа во Македонија ѝ се силеа, наметнаа „француски предлог“ во полза на Софија, сите се запенавија „менувајте устав, инаку нема да ја видите Европа“. И што им се случи сега на овие евронасилници, кои сите до еден ги снемува на хоризонтот на историјата?
Во изминативе седум години, заменик-помошници на државните секретари на САД за Европа и Евроазија и своевидни американски „демократски булдожери“, Филип Рикер, Хојт Брајан Ли, Габриел Ескобар, Џејмс О’Брајан, геополитички го „преуредуваа“ целокупниот Балкан, а со тоа и државата Македонија, со потпишување на Преспанскиот и Бугарскиот договор. Но сега претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс, двајцата американски „републикански супербулдожера“, индиректно ѝ отвораат пат и можности за нов развој на Република Македонија со остварување на нивната „МАГА“ – „Да ја направиме Америка повторно голема“, едновремено „кршејќи“ ја и „дробејќи“ ја ЕУ во остварувањето и на „МЕГА“ – „Да ја направиме Европа голема“ во сојуз со европските суверенисти. Во оваа ситуација дали ќе се губи време и натаму со „евроинтеграцијата“, која губи секаква смисла, откако Бугарија порача дека очекува целосно спроведување на „добрососедскиот договор“ со „преговарачката рамка“ и сите дополнителни протоколи? За нив е веќе добро познато какви стравотни и уривачки последици можат да предизвикаат за државното устројство на Македонија и за идентитетско-историскиот комплекс на македонскиот народ. Дали наместо „санстефанското“ и „преспанското добрососедство“ може да се почне на надворешнополитички и домашен план со „МММГА“ – „Мake Macedonian Macedonia great again“, односно „Да ја направиме повторно голема македонска Македонија“, како нова државно-национална програма за возобновување и воздигање на Република Македонија во интерес на сите нејзини граѓани (не територијално, туку во рамките на своите граници), според теркот и ритамот на „МАГА“ и „МЕГА“?
Народната поговорка вели не прави им го на другите она што не сакаш ниту тебе да ти го прават. Олаф Шолц, Емануел Макрон и разноразните европски комесари за таканареченото „проширување на ЕУ“ доаѓаа во Македонија, ѝ се силеа, наметнаа „француски предлог“ во полза на Софија, сите се запенавија „менувајте устав, инаку нема да ја видите Европа“. И што им се случи сега на овие евронасилници, кои сите до еден ги снемува на хоризонтот на историјата? Сега нив ги маваат уште поголемите Доналд Трамп и Џеј Ди Венс, но овие двајцава, кој како ги бендисува и како ги разбира, не се никакви насилници какви што беа и какви што се сѐ уште кон Македонија „напредните Европејци“ од ЕУ: Трамп и Венс се нешто сосема подруго, тоа се моќни политичари суверенисти, кои ги признаваат правата на секој европски народ да го има и да го спроведува својот суверенитет заедно со правото сам да ја кове својата судбина – право што ЕУ и европските лидери им го одземаат на Македонија и на Македонците.
Трамп и Венс ги извишија високо своите нови концепти на политичкото и националното лидерство во борбата за опстанокот и развојот на нивната реално предбанкротна Америка. Тие концепти ги шокираа и ги фрлија во длабок очај европските државници и бриселските политичари на геополитички веќе банкротираната Европска Унија. Концептите на Трамп и Венс, во „македонизирана“ верзија, ќе можат и ќе мораат да бидат еден од главните патокази за Македонија што да прави и накаде да тргне сега кога завршува распадот на балканските односи, уредувани според мерата на демократска Америка и кога започнува геополитичкиот хаос на овој дел од европскиот континент.
Патот кон Брисел веќе е блокиран, ниту тој ниту Софија не прифаќаат какви било „формули“ за „уставни промени со одложено дејство“. Но да бидеме докрај јасни: ваква „уставно-политичка формула“ е само одраз на политичка инфериорност и несфаќање на фактот дека какво било менување на Уставот, не само заради ставање на „бугарскиот државотворен народ“ во него, ќе биде во истиот момент отворање и на „Пандорината кутија на злата“. Најдобра потврда за оваа констатација се и најновите сѐ погласни барања штом би се менувал државниот грб на Македонија во Уставот „да се решат дефинитивно“ и албанските национални барања, напоредно со менување и на химната и другите симболи на македонската држава. Дали има вакви барања, дали воопшто се дозволува такви да се пројават во Албанија, Бугарија, Грција, во Германија, Франција и во други балкански, европски и светски држави?!
Пред два дена Трамп порача преку својата општествена мрежа Општествена вистина („Truth Social“): „Оној, што ја спасува својата земја, не прекршува ниту еден закон!“ За Венс американските политички аналитичари и коментатори констатираа дека ја претставува „заборавената“ игнорирана Америка и оти „го држи својот прст на нејзиниот пулс“. Исто така и македонското државно-политичко раководство работи на спас на својата земја, што нема да претставува „прекршување“ на никакви „европски закони“.
Исто така и македонското државно-политичко раководство ќе треба да го стави докрај „прстот на пулсот“ на „заборавениот“ и „избришан“ македонски народ, и надвор од нашите граници. Големото јадро на македонскиот народ пулсира за македонска Македонија, не за да станат Македонците нови Курди на Балканот без своја држава.
Сепак, во претстојното преуредување на Балканот една од важните точки ќе треба да биде осмислување и воспоставување реални и вистински добрососедски односи меѓу Македонија, Грција, Бугарија, Албанија, Србија. Собранието на Република Македонија ќе треба да донесе соодветна резолуција, со која ќе предложат и ќе им се понудат на балканските соседи на Македонија вистински добрососедски односи, засновани врз нормите и принципите на меѓународното право за заемно признавање, поддршка и соработка. Па кој сака нека прифати – кој сака нека остане во своите асимилациски и хегемонистички соништа кон Македонија од минатите неколку века.
Испишувањето на овие редови не е „клепање“ некаква неостварлива политичка теорија, ниту нудење политичка илузија во јавноста, напротив. Ако се дозволи „фактот“ на Рокас, „еврочуварот“ на „преспанско-бугарскиот договор“ дека „уставните измени се факт“, ако Македонија, Македонците и сите други нејзини граѓани не создадат нови геополитички сојузништва, тогаш ќе се обидат да ја снема дефинитивно оваа македонска држава во веќе започнатиот европски и светски хаос. Вистинско стратегиско партнерство со Америка на Трамп и Венс, со Кина и Русија, нови блиски врски со Турција, директна соработка и со „новата политичка Европа“, претставувана од новите суверенистички движења и партии во Германија, Франција, Холандија, Австрија, Унгарија, Романија, Словачка, Чешка – сево ова се сосема можните правци за воспоставувањето и развивањето нови геополитички сојузништва од страна на Македонија во нејзината борба да опстои, да се „помакедончи“ повторно, да продолжи да се развива.
Во својот историски „Апел од 18 јуни 1940 година“, незаборавниот воено-политички водач на Франција, Шарл де Гол, преку радиообраќање му порача на францускиот народ спроти претстојната битка со тогашна Германија на Адолф Хитлер: „Франција изгуби една битка, но не ја изгуби војната!“ Исто така, и македонскиот народ изгуби една битка во својата „етноидентитетска и државотворна војна“, но таа борба допрва ќе мора да добие во интензитет. Сега на Македонија ѝ на македонскиот народ им претстои примена на „македонизираната верзија“ на девизата на Бертолд Брехт: „Тој што се бори, може и да загуби. Но тој што нема да се бори, сигурно веќе загубил!“
Патиштата кон оваа геополитички банкротирана Европа се блокирани и разурнати, ќе мора да се градат нови патишта кон „новата суверенистичка политичка Европа“, која допрва почнува да ја гради новата „Европска Унија на суверени нации“. Ова е една од вистинските алтернативи и за македонскиот народ и за сите други граѓани на Македонија.