Албанскиот премиер Еди Рама неодамна изјава дека неговата држава ќе дозволи создавање суверена муслиманска држава во Тирана за верскиот поредок на бекташи, според моделот на Ватикан во Рим. Иако во својата изјава албанскиот премиер Рама потенцира дека „новата држава се формира за да се промовира верска толеранција“, сепак експертите се внимателни во своите оцени и укажуваат на повеќе аспекти што треба да се имаат предвид
Албанскиот премиер најави создавање „суверена муслиманска држава во Тирана“
Албанскиот премиер Еди Рама деновиве најави една сосема невообичаена иницијатива – создавање „држава-енклава на исламски суфиски поредок – бекташите“, која ќе биде една од најмалите држави во светот. Таа ќе има своја администрација, но без даноци и полиција, со што нема да го оспори суверенитетот на Албанија.
– Историјата на бекташите сама по себе е импозантен повик светото седиште на Светскиот центар на бекташи да добие статус сличен на Ватикан – рече Рама.
Тој рече дека симболичната држава ќе биде „без ѕидови, без полиција, без војска, без даноци и други атрибути“ и дека ќе биде „духовна држава“.
Рама не соопшти детали за тоа кога ќе ја спроведе таквата намера, додека во исто време албанскиот парламент би требало да го одобри планот.
Што е бекташкиот ред
Основан во Отоманската Империја во 13 век како гранка на суфизмот, редот на бекташите е со седиште во Албанија од 1929 година, откако неговото практикување беше забрането во Турција, кога таму беше претседател Мустафа Кемал Ататурк.
Рама минатата година изјави дека Албанија планира да создаде држава во источниот дел на главниот град Тирана, како духовен центар за бекташите, кои се „расфрлани“ низ регионот, како и во Албанија, каде што, според последниот попис, тие сочинуваат околу 10 проценти од населението.
Ваквата идеја тој ја најави уште на Генералното собрание на Обединетите нации во 2024 година, кога го објави планот за формирање суверена микродржава во Тирана, за исламскиот суфиски ред на бекташите, кој им припаѓа на шиитските муслимани.
Овој потег наиде на позитивни реакции во редовите, но и одреден скептицизам. Во своето обраќање Рама ја цитираше Мајка Тереза, истакнувајќи дека „не сме сите способни за големи работи, но можеме да правиме мали работи со голема љубов“.
Говорејќи на Генералното собрание на ОН, Рама рече дека суверената енклава, која ќе биде направена по моделот на Ватикан, седиштето на Римокатоличката црква во Рим, „ќе биде нов центар на умереност, толеранција и мирен соживот“.
Парламентот на Албанија ќе ја донесе конечната одлука
Не требаше да помине многу време по ваквите изјави на Рама за да стигнат и првите реакции. Бесник Синани, научник во Центарот за муслиманска теологија на Универзитетот во Тибинген и коосновач на институтот „Конак“ со седиште во Тирана, за јавноста изјави дека одлуката е „невиден случај на современ религиозен инженеринг“.
– Во моментов албанската влада не понуди никаков убедлив аргумент за да го оправда таквиот потег – изјави тој за Дојче веле.
Алберт Ракипи, претседател на Албанскиот институт за меѓународни студии, посочува дека ова прашање не е нешто што владата треба да го решава случајно.
– Иако не зборуваме за формирање држава во класична смисла – со дефинирано население, територија и соодветни институции како војска, полиција, бирократија, судови и даночна администрација – конечната одлука ќе биде во рацете на парламентот – изјави тој.
Ракипи додаде дека многу важни аспекти поврзани со надворешниот суверенитет сѐ уште не се разјаснети, а постои неизвесност како ќе се признае суверенитетот на енклавата/државата. Членот 1(2) од албанскиот устав вели дека „Република Албанија е единствена и неделива држава“. За да се промени тоа ќе биде потребен уставен амандман, кој ќе треба да биде одобрен со мнозинство од 94 гласа или две третини од сите законодавци во парламентот.
Што вели пописот во Албанија од 2023 година?
Според пописот од 2023 година, околу 50 отсто од 2,4 милиони жители на Албанија се муслимани. Мнозинството се сунитски муслимани, додека околу 10 отсто од муслиманите ѝ припаѓаат на заедницата на бекташите. Римокатолиците и православните христијани го сочинуваат мнозинството од остатокот од населението.
Алберт Ракипи, претседател на Албанскиот институт за меѓународни студии, не смета дека „бекташката држава“ ќе има негативно влијание врз етничката рамнотежа во државата, односно дека ќе има битно влијание меѓу верските заедници во Албанија, бидејќи, како што вели тој, „бекташката заедница историски служела како мост на единство и соработка меѓу муслиманите и христијаните“.
Но, за разлика од Ракипи, Муслиманската заедница на Албанија вели дека ја смета иницијативата за „опасен преседан за иднината на земјата“ и нагласува дека таа е единствениот официјален претставник на исламот во Албанија. Имено, оттаму, Бесник Синани смета дека планот ќе влијае на односот меѓу религиите во Албанија, бидејќи, како што вели, не постои моментална ситуација во земјата што би ја оправдала таквата одлука.
– Тврдењето дека оваа наводна држава може позитивно да влијае на климата на толеранција во регионот е неосновано. Ако се спроведе, тоа најверојатно ќе ги наруши историските аранжмани за односите меѓу религијата и државата во Албанија, кои беа воспоставени според визијата на основачите на албанската државност, од кои многумина беа бекташи – изјави Синани за јавноста.
Многу експерти се загрижени дека овој потег може да доведе до означување на земјата како „исламска држава“. Но Алберт Ракипи, кој е експерт за меѓународни односи, нагласува дека Албанија не планира да формира исламска држава во својот главен град.
– Сигурно е дека исламската држава претставува поинаква реалност од теоретска и практична гледна точка. Не сите земји чие население е муслиманско се исто така исламски земји. Во една исламска држава организациската идеологија за државата е религијата, во овој случај исламот, а во повеќето случаи исламот служи и како организациска идеологија на општеството – рече тој.
Сѐ уште не се знае кога треба да се реализира овој предлог-план на албанскиот премиер.
– Не може да се игнорира дека албанската влада е вмешана во различни политички тензии врз основа на религијата. Албанија моментално е домаќин на организацијата што САД некогаш ја означиле како терористичка организација „Муџахедин-е-Калк“, која се залага за соборување на иранската влада. Таа беше домаќин на членовите на движењето „Ѓулен“, кое се смета за терористичка организација во Турција, како и поранешни затвореници од Гвантанамо, кои американската влада не можеше да ги испрати во нивните матични земји – појасни Бесник Синани од Муслиманската заедница на Албанија. Р.С.
Долга традиција на бекташите во Албанија
Редот на бекташите има долга (мистична) традиција во Албанија. Овој суфиски ред бил популарен меѓу јаничарите, елитните војници на Отоманската Империја, кои главно биле регрутирани од христијанската територија на Балканот.
Суфиската вера не ги принудува своите следбеници да се придржуваат до основните начела на традиционалниот ислам. Сепак, толеранцијата не ги заштитила од прогон, што ги навело да се раселат во соседните региони, како што е на пример Македонија, во 14 и 15 век.
Дервиш Баба Монди е актуелен духовен водач на овој ред. Следбениците го знаат по неговата официјална титула: хаџи деде баба. Баба Монди треба да биде водач на суверената држава на Редот на бекташите. Тој вели дека одлуките ќе се носат со „љубов и добрина“. Во интервју за „Евроњуз“ во 2018 година, тој изјавил: „Да се биде бекташ значи да се биде човек. Ја изградивме нашата заедница врз принципите на мир, љубов и меѓусебно почитување“. Баба Монди изрази надеж дека САД и другите западни сили ќе го признаат суверенитетот на неговата земја.
– Заслужуваме држава. Ние сме единствените во светот што ја кажуваат вистината за исламот и не ја мешаме со политика – изјави тој.
Тим експерти моментално работат на законодавство што ќе го дефинира суверениот статус на новата држава во Албанија. Р.С