Продолжува ракометната војна на Македонија на СП во Хрватска. Така некако гласеше насловот на мојата претходна колумна, тука, во „Нова Македонија“, по првиот круг на СП, а пред дуелот со Австрија. Македонскиот национален тим продолжи да игра во висок ритам, на едно завидно ниво, стабилно и без големи падови во играта, но исто така не престанува со „режирање“ трилер-завршници, крајно непријатни за здравјето на македонската фаланга
На почетокот, мало потсетување што најавив и на хартија и во студиото на МРТВ, пред самиот натпревар, дека дуелот со Австрија е дуел на два, по многу параметри, израмнети тима. Така и беше, по еден резултатски ролеркостер, каде што нашиот тим доминираше во поголемиот дел од првото полувреме, а беше постојано зад петици во однос на противникот, во текот на вториот дел, на крајот, и ни се допаѓало или не општиот впечаток е дека нерешениот исход е и најреален.
Добре дојдовте на мојата колумна „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“ по уште една инфаркт-завршница на натпревар на нашиот национален тим на СП во Хрватска, а пред дуелот против селекцијата на Катар, предводена од, за нас добро познат и контроверзен, Веселин Вујовиќ.
Некои покарактеристични заклучоци од натпреварот Македонија – Австрија
Јасно беше, барем за мене, уште пред самиот дуел, дека Македонија на „нашата половина“ ќе мора да одигра на супервисоко ниво, со соодветна поддршка од голман, за да може да смета на позитивен резултат, а тоа е триумф над Австрија. Противник што не е ниту во подредена ниту во надредена позиција во однос на нашиот тим. Одбраната ќе мора да биде на висина на задачата, затоа што нашиот напад (вклучувајќи ги и транзицијата и директните контранапади) на ова СП покажа дека има капацитет на која било селекција да ѝ „сервира“ 27, 28, па и над 30 погодоци. Сосема доволно, доколку имате добра зона, а притоа имајќи предвид дека Македонија игра трпеливо и не дозволува противникот да има повеќе од вкупно 50 напади, да сметате на добар резултат.
Така и го стартуваше мечот Македонија. Без големи потреси и изненадувања, со стандардна 6-0 зона, „дигната“ кај нашата двојка со Велковски или Серафимов и Лазаревски и Маркоски како централни дефанзивци. Знаејќи го тоа, селекторот на Австрија, во отсуство на Билик, знаејќи дека тој е оној што е прв шутер на тимот, се одлучи Хутечек да одигра на својата природна позиција, на среден бек, за да ја амортизира поставената антиципација спрема лев бек од страна на Лазаров. Генерално не успеваше, барем во голем дел од првиот дел, нашиот противник во тоа што го имаше зацртано, или подобро кажано, добро функционираше нашата зона, особено во делот каде што Хутечек требаше да ја „пробие“ зоната кај Лазаревски и да соработува со Вагнер, како главен проблем со кој (би) се соочила зоната на Македонија. Тоа го покажува и предноста во резултатска смисла, која на два наврата одеше на +3 и која само благодарение на нашите технички грешки за релативно кратко време се топеше, за конечно на полувреме да заминеме и со -1.
Од друга страна, нападот, носен на крилјата на нашите пивоти и реконвалесцентот Митев, во првиот дел одигра трпеливо и во голема мера паметно. Проблеми се јавуваа, во првото, а и во второто полувреме, кога нашите играчи, во напад, играа без добар пас, без добар залет, кога се одлучуваа индивидуално да решаваат. Но, како што спомнавме и погоре, нападот на крајот од денот го испорачува тоа што се бара од него.
Австриското седум на шест
Клучната промена или потег на натпреварот, под пресија на некреативниот и стерилен напад, кој, како што спомнавме погоре, беше спречен од нашата зона, ја направи селекторот на Австрија, Алеш Пајовиќ, со поставување формација седум на шест, за која нашиот стручен штаб, а и момците на терен, до самиот крај на натпреварот, во одредена мера, не најдоа решение. Формација што не е непозната за Австријците, напротив, откако е на клупата Пајовиќ, на секвенци ја користи како „оружје“, а сега во ситуација кога ги нема Божовиќ и особено Билик, беше принуден и во континуитет да ја експлоатира. Доколку може нешто да се забележи, тоа се две работи поврзани за нашата зона. Првата е користењето на Петар Атанасиевиќ, како исклучително брз, подвижен играч, како партнер на Лазаревски, а втората забелешка во тој сегмент од играта е што по малку нелогично, во добар дел од првото, па и во второто полувреме, Лазаров го седна на клупа Лазаревски, како единствен играч што прави разлика во зоната на тие централни позиции, во ситуација кога Маркоски е доста инертен, а Стојковиќ, сѐ уште, неискусен и негабаритен за вакво ниво на натпревари.
Како и да е, од таа 24-25 минута, па сѐ до крајот на натпреварот, без разлика на движењето на резултатот, двете селекции, со долги напади, многу работеа и се потеа за секој погодок. Без голема помош од голови во транзиција, на двете страни, натпреварот мирисаше на дуел без голем број погодоци. Ситуација наметната од Пајовиќ, која многу повеќе му одговараше на противникот, ситуација без брканица по терен, имајќи ги предвид скратената клупа на Австрија и успешноста на поставен напад од страна на истата таа.
Филип од Македонија
Македонија дефинитивно доби сериозен лидер во играта, од секој аспект и тоа треба да се потенцира и нотира. „Филип од Македонија“ и со последниот потег на натпреварот покажа дека со враќањето во Битола и носењето на екипата во суперквалитетна конкуренција играчки созреа, и дека неговото враќање дома, од најсилната Бундеслига, е во насока на „нов почеток, а не почеток на крајот“, како теза што ја поставивме пред неговото враќање во Пелистер.
Македонија загуби бод (или го освои, кој како милува), но го доби Марко Кизиќ на голот во одредена мера како поддршка на Митревски, а и Иван Џонов, кој како лев бек по вокација, имајќи ги предвид неговата спортска интелигенција и антропологија, очекувам во иднина, како играч што може да покрие неколку позиции во одбранбената зона, да биде стандарден член на националниот тим на таа левокрилна позиција. Колку тоа некому да му изгледа (не)логично и наметнато.
Кусо и за следниот наш противник Катар, а и за нас
Веселин Вујовиќ и Катар се следниот противник на македонскиот национален тим. Во игра за тоа четврто место, кое ќе го сметаме за одличен успех, влегуваме во дуел со исклучително искусна, но и „стара“ екипа. Барем одреден број играчи се во години, за кои не можеме да кажеме дека се најдобри за ракомет. Исклучително квалитетни поединци, огромен број натурализирани Катарци во името на Капоте (Куба), Марковиќ (Црна Гора), двоецот голмани Лепеница – Суљаковиќ, Мемишевиќ (БИХ) и секако првото име на оваа селекција на СП во Хрватска, Франкис (Куба). Предводени од Веселин Вујовиќ, за нас многу познато ракометно име, тренер што долги години беше на клупата на Вардар, но и беше селектор на Македонија. Имаат „интересно“ минато со нашиот сегашен селектор, во тој ист период на селекторување на Вујовиќ, кога некогаш „најголемиот светски играч“ ги споредуваше играчите на нашата земја со некои свои пулени од родната му земја. Ова го зборувам затоа што очекувам дуелот помеѓу Македонија и Катар, токму поради човекот или луѓето што седат на клупите, да биде со дополнителна тензија од онаа што е присутна за освојување бодови и (по)виск пласман.
Нашата шанса е транзицијата, а за тоа ни требаат „јунаци“ во зоната и солидна поддршка на голманска позиција. Имаат шутери, им треба време, а ние со агресивна зона ќе им го скратиме истото тоа. Имаат искусен пивот во Бенали, но не е габарит од кој треба да се плашиме. Франкис е нешто помлад и е најголема закана во дуел-игра, но особено во шут од надвор. Марковиќ и Капоте беа класа играчи, ама беа. Сега имаат години и се доста „пресметливи“ во однос на чување на здравјето. Затоа, многу контакт од наша страна, агресија и брза игра во транзиција на (не)постигнат гол на противникот. Нападот, преку нашите пивоти, Митев во дуел игра и Кузмановски во улога на „разбивач“, верувам дека ќе биде на висина на задачата, иако не очекувам (ако сакаме успех) играта да биде на половина на противникот, туку повеќе кај нашата одбранбена зона. Барем како желба.
Многу трпение на нашите играчи, без разлика на резултатот, психолошка стабилност и верба дека противникот ќе падне во последната четвртина од натпреварот. Период во кој полетна Македонија треба да направи чекор напред, да го добие натпреварот и да го обезбеди тоа четврто место во групата.
Како објективно одличен резултат за „новата“ Македонија.
Напред Македонија!
Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот
„Ракомет за секое дете“