Познатиот писател за деца, новинар, преведувач и публицист Наум Попески, по кратко боледување, синоќа не напушти, стои во објавата на официјалната страница на Друштвото на писателите на Македонија.
Попески (25.11.1947, Вевчани, Струшко – 20.1.2025, Скопје), целиот работен век го мина како новинар во весникот ,,Нова Македонија“ и уредник на додатокот за деца ,,Колибри“. Континуирано соработуваше и со списанијата за деца „Развигор“, „Росица“, на издателството „Детска радост“ од Скопје.
Наум Попески беше плоден автор за деца. Застапен е во многу антологии на поезија, во повеќе читанки и други учебници во основно образование, како кај нас, така и го регионот.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија, а беше и чест гостин на сите фестивали на литературата за деца кај нас и во регионот….
Наум Попески е роден во Вевчани 1947 година. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Струга. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје (тогаш Филозофски факултет) на групата книжевност и македонски јазик.
Негови попознати дела се збирките песни за деца „Ајде да растеме“ (1982), „Детелинка со четири листа“ (1995), „Изворчиња – поточиња“ (2007), „Летни – светни светулке“ (2012), „Наумување“ (2015); расказите за деца „Спомени во слики“ (2007). Попески е најпознат како автор на првиот бонтон за деца: „Бонтон за деца – убавината на убавото однесување“ (1999, реиздание во 2017), и сега актуелните „Во гората зелен лист – во градите воздух чист (2006) и „Еко-бонтон за деца“ (2007), „Поетот од Порече“, монографска книга во соавторство со поетот Саво Костадиновски (2018), „Чаробна крила“, избор од поезијата за деца на Наум Попески, во препев на Душан Ѓуришиќ, доајен на поезијата за деца во Црна Гора (2018),„Златна диплома“ од босанскиот писател за деца Бајрузин Хајро Планјац, во превод на Наум Попески (2018),„Дувни, дувни ветренце“, стихозбирка за деца (2019), ,,Тајните на дедовата воденица“, роман за млади од п Хајро Плањац, во превод на Наум Попески (2022)…
За своето долгогодишно – плодно поетско творештво за деца, добитник е на повеќе награди и признанија.
Погребот на Наум Попески ќе се одржи утре во 11 часот на гробиштата во населба Драчево, Скопје.