Производството и продажбата на фалсификувани пијалоци, кои дојдоа до израз со смртни случаи во последните денови од минатата година, продолжува и во првите недели од 2025 година. Многу луѓе кои беа отруени од фалсификуван алкохол во областите Гунгорен, Бејоглу, Бакиркој и Башакшехир во Истанбул се пријавија во болниците, објави турската телевизија НТВ.
Канцеларијата на гувернерот на Истанбул вчера соопшти дека во последните 48 часа се случиле вкупно 66 случаи на труење со алкохол, а починале 23 лица. Третманот на 32 интубирани пациенти продолжува на одделенијата за интензивна нега.
Во соопштението се наведува дека бројот на лицата кои ги загубиле животите од почетокот на годинава се зголемил на 34.
Поради зголемувањето на смртните случаи, гувернерството на Истанбул почна да спроведува различни мерки во обид да го реши проблемот. На пример, продавниците што продаваат алкохол сега треба да имаат 24-часовен систем за видео снимање.
Во меѓувреме, гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, објави дека лиценците на 63 продавници за алкохол во градот се одземени, а продажните места се затворени откако било откриено дека таму се продаваат фалсификувани алкохолни пијалоци, објави веб-страница за вести. Ѓул, исто така, го привлече вниманието на крајно загрижувачкиот тренд на зголемување на смртните случаи по консумирање вакви пијалоци.
Употребата на фалсификуван алкохол е исклучително сериозен социјален проблем во Турција, каде што алкохолот е скап поради високите акцизи. Секоја година десетици граѓани умираат од труење со фалсификувани алкохолни пијалоци.