Македонската машка ракометна репрезентација имаше сензационален старт на Светското првенство што се игра во Хрватска, Данска и Норвешка.
Во првото коло на Мундијалот, избраниците на Кирил Лазаров ремизираа со фаворизираната селекција на Унгарија со 27- 27 (14-14).
Македонските репрезентативци одиграа одлично прво полувреме. И покрај минусот од три гола на почетокот на мечот, избраниците на Лазаров предводени од капитенот Филип Кузмановски и одличниот на голот Никола Митревски успеаа да се кренат и во еуфоричен налет да поведат со 10-6 во 16. минута.
Македонските ракометари имаа контрола на резултат до последната минута од полувремето, но сепак Унгарците успеаа да ги консолидираат своите редови и да израмни на 14-14.
Избраниците на Лазаров продолжија во исто темпо и во продолжението од напреварот и бестрашно да му парира на големиот противник. Се играше гол за гол до самиот крај на натпреварот, без играчки и физички пад во играта на македонскиот состав кој заврши со реми и и донесе голем бод на Македонија во дуелот со фаворитот Унгарија.
Најефикасен во македонскиот состав беше капитенот Кузмановски со 10 гола, а одлична партија на голот имаше Никола Митрески со 12 интервенции.
Во следниот дуел за два дена Македонија ќе игра против Холандија, а првата фаза ќе ја заврши со мечот против Гвинеја на 19 јануари.