ИН МЕМОРИАМ

На 51-годишна возраст ненадејно почина поранешното македонско десно ракометно репрезентативно крило и тренер на Пролет, Александар Јовиќ. Јовиќ е роден во Бјелина (БиХ), а во неговата богата играчка кариера ги носеше дресовите на Бродомеркур од Сплит, Загреб (Хрватска), Болоња (Италија), Борец, Јафа промет, Вардар, Пелистер и Металург, каде што и ја заврши играчката кариера.
Тренерската кариера ја почна во Автокоманда, каде што ги предводеше првиот тим на Металург и Металург 2, а потоа битолски Еурофарм Пелистер 2 и првиот тим на битолчани, со кој ја врати првенствената титула во Битола по 2006 година, а потоа беше тренер во Пролет. Јовиќ беше и дел од поранешната славна генерација на македонски ракометни репрезентативци што го вивна македонскиот ракомет на светско и на европско ниво.
По повод смртта на Јовиќ се огласи и Ракометната федерација на Македонија со свое соопштение, во кое се наведува дека македонскиот ракомет загуби човек што сиот свој работен и животен век му го посвети на ракометот, притоа упатувајќи искрено и длабоко сочуство до семејството на Јовиќ. Г.И.