Фото: „Нова Македонија“

Светското првенство (СП) во Хрватска, Данска и во Норвешка официјално беше отворено во вторникот во градот Хернинг (Данска), од претседателот на Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), Хасан Мустафа. По воведниот меч Италија – Тунис (32-25), 30 минути пред вториот меч на денот, на кој играа Данска – Алжир (47-22), во арената имаше кратко шоу, кое ја нагласи богатата историја на спортот, помагајќи им на гледачите да се доближат до официјалното мото на ова СП 2025, „Инспирирани од ракометот“.
– Им се заблагодарувам на сите вклучени, особено на играчите, тренерите, судиите, националните федерации и континенталните конфедерации за нивната извонредна работа и настапи. Сигурен сум дека Светското првенство, чии домаќини се Хрватска, Норвешка и Данска, ќе биде уште една пресвртница во успешниот развој на ракометот во светот – рече меѓу другото Мустафа, преку видеопорака.
Ова е трето СП со 32 репрезентации, а прво со три кодомаќини, со пет града, каде што ќе се одиграат 108 натпревари. Данска, која славеше на претходните три СП, ќе се обиде по четврти пат во низа да го освои победничкиот пехар, што ќе биде нов рекорд.
– СП го нагласува духот на пријателство и единство што спортот го инспирира. Сите репрезентации, кои неуморно работеа за да стигнат до оваа фаза, застануваат како амбасадори на посветеноста и извонредноста. Во име на организираната заедница им благодарам на сите што го овозможија ова првенство. Заедно да создадеме спомени што ќе одекнуваат долго по последниот свиреж. Нека почнат игрите, а да се инспирираме од ракометот – рече претседателот на Ракометната федерација на Данска, Јан Кампман. Г.И.