Ако со своите зборови и дела успееш да насмееш или да направиш среќен барем еден човек во текот на денот, тоа е успех, а ако во ист ден го постигнеш тоа кај повеќе луѓе, може да се каже дека тоа е човечност, вели наставничката Гордана Стојановска
ХУМАНА СТРАНИЦА
Ја испратиме 2024 и ја дочекаме новата 2025 година.И некако природно ни доаѓа да се потсетиме на сите изминати денови, недели и месеци, да се навратиме на сѐ што било убаво и сѐ што било помалку убаво во годината што си оди. Учениците од четврто три одделение од ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп, оваа година сигурно ќе ја памтат по прекрасниот гест што го направија и истиот тој им овозможи да донесат радост кај нивните другарчиња, кај нивните наставници и кај граѓаните на Прилеп.
Овие умни четвртоодделенци, поттикнати од нивната наставничка Гордана Стојаноска, го поминаа петокот пред Нова година во духот на празниците и дарувањето. Тие се вратија во времето пред многу години и потсетија на старата добра навика што изумира, а тоа е дарувањето новогодишни честитки.
Утрото, кога учениците стигнаа на училиште, во нивната училница испишаа безброј честитки со пораки за здравје, среќа и љубов, па прошетаа низ училиштето и им ги подарија честитките на наставниците, вработените и на директорот на училиштето.
Потоа им делеа честитки на граѓаните од Прилеп, кои беа воодушевени од гестот, бидејќи, како што рекоа, веќе никој со години не им подарува честитки. Како што ни раскажа наставничката Гордана, граѓаните дури биле и изненадени дека добиваат честитка за која не треба да дадат ништо за возврат.
– Честитките ги дававме со цел да не се заборави онаа стара навика со неколку пишани збора да им се посакаат само убавини на луѓето и да ја скршиме онаа денешната дека никој никому не му дава ништо за џабе. На учениците ова им прераснува во традиција затоа што оваа е втора година што им подаруваме честитки на нашите сограѓани – рече наставничката Гордана.
Во време кога сите сакаме нешто да земеме и некој нешто да ни подари, а и тешко се откажуваме од она што ни е дадено, овие четвртоодделенци направија уште еден воодушевувачки гест.
Откако ги израдуваа нивните наставници и случајните минувачи низ прилепската чаршија, тие отидоа на гости кај нивните другарчиња од дневниот центар „Ѕуница“.
И замислете, новогодишните пакетчиња што ги добија во училиште, овие четвртоодделенци со големо срце им ги подарија на нивните другарчиња со попреченост.
– Кога кај некого ќе се постигне да научи од срце да се откаже од нешто свое за да направи среќен некого барем за миг, тоа е навистина прекрасно, а кога тоа го прават деца што се растени во едно вакво општествено опкружување, тоа ветува нешто убаво и дава надеж – вели наставничката Гордана Стојановска, која често иницира креативни активности во училиштето и надвор од него.
Стефан од четврто три, со нас сподели дека е пресреќен што се ракувал, што се гушнал и што си посакал среќни празници со пријателите од „Ѕуница“.
– Јас првпат сум во посета на деца со попреченост. Се чувствував пријатно и не почувствував никаква разлика, би сакал повторно да се дружиме бидејќи сите бевме среќни – вели тој.
Откако ги поделија пакетчињата и беа топло пречекани од корисниците и од вработените во дневниот центар „Ѕуница“, четвртоодделенците ја прикажаа и специјално подготвената новогодишна претстава, која беше проследена со радост.
Си заминаа среќни и задоволни од уште една успешно завршена акција. А наставничката Гордана, за крај ги поучи:
„Ако со своите зборови и дела успееш да насмееш или да направиш среќен барем еден човек во текот на денот, тоа е успех, а ако во ист ден го постигнеш тоа кај повеќе луѓе, може да се каже дека тоа е човечност“.
Ф.Д.
КАКВИ ПИСМА ЧИТА ДЕДО МРАЗ?
Сигурно писмото не стигнало-
малиот Илија така си вели,
или, пак, Дедо Мраз не догледува,
или не ги дочитува писмата цели.
Можеби ги истрошил подароците,
па за мене не останал ни еден дар,
или веќе баш е остарен и заборава,
па целата глава му е дар-мар.
И лани за Нова година,
си поминав, вака слично
изгледа Дедо Мраз
има нешто против мене лично.
А знаете ли каде проблемот се крие?
Зарем не погодувате вие?
Илија има многу лош ракопис,
а Дедо Мраз читал само краснопис.
Филип Димкоски
БЕЛИ БАЛЕРИНИ
Паѓајте, паѓајте снегулки фини
вие бели снежни балерини
танцувајте како да сте на балет,
блеснете во мојот детски свет!
Постелете секаде, постела бела мека,
над секоја планина, поле и река.
Баба Зима бел килим да ткае,
радоста на децата таа најубаво ја знае!
Паѓајте, паѓајте снегулки фини,
вие бели снежни балерини.
Лила Арсова
(од книгата „Снежна убавица“)