Значењето на овие денови и на семејното собирање околу празничната трпеза е повеќезначно. Семејството е основа на секое општество и на државата. Токму затоа овие празнични собирања на семејствата треба да ги негуваме бидејќи се трајни вредности. Преку нив се враќаме на традициите и верувањата што опстоиле низ вековите, а кои, за жал, во некои средини и во некои семејства како да се подзабораваат. Се подзаборава дека токму овие и вакви верувања нѐ одржале низ историјата низ најразлични премрежиња. Собирањето околу божиќната трпеза сите овие денови колку што го славиме празникот не е само можност за добро да се најадеме, туку и да ги обновиме старите традиции, да се собере семејството, да се покажат на дело неговата сплотеност и меѓусебно разбирање и почитување. А сето тоа не е случајно. Ако ни е средено семејството како што налага традицијата, ќе биде средена и државата
Влегуваме полека во новата година, минуваат и божиќните празници и, според старите обичаи, секогаш имаме големи очекувања од деновите пред нас. Сите си посакуваме здравје, среќа, успех и што уште не, трпезите се полни, што е и разбирливо, луѓето се во некое посебно расположение, па во таква атмосфера ни малку не е пријатно да се наметнуваат некои сериозни политички теми. Ова се денови во кои вообичаено сме со семејствата, кога здраво се почитуваат традициите, кога се навраќаме на подзаборавените вредности, потиснати од беспоштедната трка по пари.
Не случајно поговорката „пред Божиќ зад Божиќ, кај и да си, дома да си“ е длабоко вкоренета во колективната меморија на православните христијани. Според верувањето, оваа поговорка има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се почувствува духовната страна на празникот. Второто значење е сосема практично – да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак, најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
И добро е што барем во овие денови наоѓаме време за себе и најблиските, да подзастанеме малку од јаловата трка со времето, за да се обидеме да ги пронајдеме одговорите на прашањата за кои вообичаено се нема време да се размислат или да се осмислат соодветни одговори. Па така, без да се нарушува постновогодишната атмосфера, не е лошо да посветиме некоја минута на себе, она што ретко успеваме да го направиме во преостанатите 360 и нешто дена.
Значењето на овие денови и на семејното собирање околу празничната трпеза е повеќезначно. Семејството е основа на секое општество и на државата. Токму затоа овие празнични собирања на семејствата треба да ги негуваме бидејќи се трајни вредности. Преку нив се враќаме на традициите и верувањата што опстоиле низ вековите, а кои, за жал, во некои средини и во некои семејства како да се подзабораваат. Се подзаборава дека токму овие и вакви верувања нѐ одржале низ историјата низ најразлични премрежиња.
Токму затоа, се потсетуваме дека здравото семејство е темел на секое здраво општество, тоа е местото каде што се промовираат и се развиваат вистинските вредности, каде што се пропагира здравиот живот, а не настраностите пред кои, за жал, многумина потклекнуваат.
Оттаму, божиќната трпеза во сите овие денови на празникот посебно се почитува, бидејќи на неа може да се расправа и за добро и за лошо. Се разбира, да се поттикне доброто, но и да се укаже на лошото. Тука постарите им даваат совети на помладите, но и се дискутира, за да се укаже на најдоброто решение во секој поглед, пред сѐ дека треба да се учи, да се работи, заради просперитет на семејството, но и на општеството во целина.
Во овие бурни времиња, постарите укажуваат и на лошотиите што ги носат со себе војните, затоа што жителите на ова парче земја имаат сосема доволно искуство за да кажат нешто во тој поглед.
Да резимираме, собирањето околу божиќната трпеза сите овие денови колку што го славиме празникот не е само можност за добро да се најадеме, туку да ги обновиме старите традиции, да се собере семејството, да се покажат на дело неговата сплотеност и меѓусебно разбирање и почитување. А сето тоа не е случајно. Ако ни е средено семејството како што налага традицијата, ќе биде средена и државата.
Токму затоа, да им ги посветиме овие денови на најблиските, да се ислушаме добро, да се посоветуваме, да покажеме сплотеност. Сепак, семејството е темелот на сѐ.