Кикбоксерот Бобан Илиоски, член на клубот Шампион и стандарден репрезентативец на Македонија, вторпат е прогласен за спортист на годината во изборот на Град Скопје, а во соработка со Сојузот на спортови на Скопје. Илиоски во категоријата до 86 кг го освои златниот медал на Европското првенство (ЕП) во Атина, во конкуренција на 982 кикбоксери од 41 држава.
Второто место во изборот му припадна на атлетичарот Дарио Ивановски, а третото на шаховскиот интернационален мајстор Тони Лазов. Листата на десетте најуспешни сениори ја затвораат таеквондистката Милијана Рељиќ, каратистката Михаела Мишовска, атлетичарот Андреас Трајковски, каратистот Петар Заборски, кикбоксерот Стефан Михајловски и каратистите Симона Заборска и Петар Спасеновски.
Во младинската конкуренција најуспешен е кикбоксерот Силвио Мировски, втор е каратистот Стефан Стојановиќ, а трет каратистот Витомир Трајковски. Меѓу првите десет во оваа конкуренција се и пливачот Никола Ѓуретановиќ, каратистот Данило Божовиќ, кикбоксерот Максим Митровски, џудистката Ива Богдановска, мечувалците Петар Дамјаноски и Огнен Бундалески и триатлонецот Јосиф Малински.
Признание доби и кикбокс-тренерот Дејан Митровски од клубот Шампион, а во категоријата лица со попреченост признанието му припадна на планинарот Стоилко Стоицев од клубот Македон, за искачување на врвови над 6.000 метри. Г.И.