Песната „Бушава Нова година“ го најавуваат враќањето на образовно-забавниот бренд „Бушава азбука“. Таа е дел од новата серија „Буквождер“, анимирано продолжение и приказна за буквите и за македонскиот јазик од легендарната „Бушава азбука“.
„Бушава Нова година“ ја пеат хероите од „Буквождер“, „Бушавковци“, чии гласови ги позајмуваат Ивана Павлаковиќ, Ангела-Александра Ивановиќ и Дамјан Цветановски. Музиката е на Георги Шарески, текстот на Мите Кузевски, а во адаптацијата помогнаа Горан Игиќ и Георги Шарески.
Креативни продуценти се Слободан Унковски и Синоличка Трпкова, додека извршни продуценти се Горан Игиќ и Мите Кузевски. Режисер и продуцент на анимираната серија е Георги М. Унковски, а сценариото е на Калија Киселичка.
Во анимацијата се користени оригиналните илустрации на Душан Петричиќ од 1985 година, за кои копродуцентите ги имаат откупено сите права, како и адаптации и нови илустрации од илустраторот на „Буквождер“, Томи Џуровски. Анимацијата на спотот за песната и анимацијата на новата серија се дело на одличните Никола Димов, Дамјан Mихаилов и Горан Менков.
Со оваа анимирана серија, чие емитување се очекува во 2025 година, започнува новата етапа на „Бушава азбука“ и „Бушав универзум“ во Македонија, но и секаде каде што се присутни македонскиот јазик и култура.