Фото: Приватна архива

„Игра на инструментите“, композиција од авторскиот албум на Александар Јовевски, насловен „Од колено на колено“, што го промовираше 2022 година, на неколку концертни промоции во Скопје, Прилеп, Битола, Охрид и во Радовиш, доби свој видео запис. Видеото е се снимаше на повеќе локации: кај Скопскиот аквадукт, во Старата скопска чаршија, на Матка, а доловени се и дел од убавините на Охрид.

– Режисерот Даниел Јовески преку окото на камерата успеа маестрално да ја наслика секоја моја отсвирена нота за очите да можат да ја видат. Истовремено прикажани се дел од убавините на Македонија и некои стари занаети. Исто така сакам да упатам голема благодарност до музичкиот тим кој остави свој белег на композицијата, но и до целиот уметнички тим кој учествуваше во реализацијата на овој видео запис. Големо е задоволсвото кога некоја музичка композиција ќе се преточи во видео приказна која ја покажува емоцијата и креативноста на музичарот. Така гледачите на посебен начин ќе ја доживеат композицијата во еден целосен аудио видео пакет – вели авторот Александар Јовевски.

Освен Александар кој свири на пијано, кавал и на тамбура во бендот, Горан Гешовски свири бас, а Ратко Даутовски перкусии. Материјалот е сниман, миксан и мастеризиран во студиото „Подрумот“.

Во спотот се појавуваат Aнтонио Стојчевски, колекционер на народни носии и костимографија, моделите Анастасија и Манулеа Бошковски, а танчерка е Сара Спиркоска.

М.Т.