Обвинувањата кои беа насочени кон мене, македонските граѓани многу добро знаат дека е обичен обид за манипулација и истите се многу мудри и не потпаѓаат под таков обид за манипулација затоа што бројките говорат колку имало претходната година, а колку има оваа година. Тоа многу пати досега сум го кажал во јавноста, рече на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Одговарајќи на новинарско прашања дека за време на неговиот мандат бил обвинуван дека има зголемен број на убиства и оти не се расчистени и што досега од нив е решено, Тошковски додаде дека бројките оваа година се помали од претходната.
– Најмалку седум убиства се расветлени во оваа постапка. Колку што сум запознаен, мислам дека само едно е сторено откога јас сум министер за внатрешни работи, а сите останати се сторени во претходниот период. Прашањето е што правеа тие пред нас? Што работеа? Работеа во интерес на македонските граѓани или за туѓи интереси? Како ние покажавме дека за неколку месеци можеме да сработиме акција со која ќе разрешиме седум убиства, што тие не ги разрешиле седум, осум и повеќе години. Дел од нив не ги разрешиле година, две, три – потенцира Тошковски, на прес-конференцијата на која изнесе детали за истрагата за криминалната група „Беланоца-Барон“ Тошковски.
Кога имате искрена желба и кога работите посветено и чесно, професионално, како што рече, на крајот не може да нема резултати и тоа го гледаат македонските граѓани. Праша зошто досега тие не откриле кои се нарачателите и сторителите на убиствата. Најави дека во иднина ќе следат факти и постапки.
– Ќе покажеме дека криминалот и насилството се неисплатливи во Македонија, како финансискиот, така и уличниот и насилниот криминал. МВР покажува реални резултати, Јавното обвинителство се охрабрува да спроведе постапки, останува на судот дали ќе ја врати довербата на граѓаните во рамки на едни процесни постапки правични, праведни, законити се со цел да си ја нормализираме државата – рече министерот за внатрешни работи.
Најави еднаков третман и против полициски службеници како и со криминалците за евентуана соработка.
– Ако ме прашате дали има полицајци кои се нечесни и очигледно дека повеќе соработуваат со криминалците отколку со нивните колеги, да. Ако ме прашате дали против нив треба да сме еднакви и јасни во борбата како и против видливите криминалци, ќе ви одговорам апсолутно да – нагласи Тошковски.
Прашан за акцијата во Судски совет, Тошковски вели дека таму се во рана фаза од постапување на истражни органи.
Тој потенцира дека секој еден кој има вина во рамки на МВР, а е поврзан со непостапување согласно одредени стандардни оператвни процедури ќе одговара, без разлика дали е полицаец, раководител и слично.
Тошковски одговори дека имаат информации дека во партиски штабови на опозицијата биле повикувани полициајци за да не учествуваат во акциите што ги организираше МВР вчера и денеска.
– Да, постојат такви информации кои беа споделувани во текот на овој и вчерашниот ден. Постапуваме да ги расветлиме за да покажеме дека колку и да сметаат дека нема капацитет македонската полиција и колку и да е факт дека Македонија не фунционира како „швајцарски часовник“, а притоа е доведена на дереџе на „швајцарско сирење“, се уште има професионалци во полицијата кои си ја сакаат државата, без разлика на етничката припадност, и се спремни да го дадат животот за Македонија. Се уште има такви полицајци. Нека не ги потеценуваат чесните и професионалните полицајци и да не мислат дека ова ќе биде заборавено – потенцира министерот.
Во однос на оние што ги координираат, како што рече, и бараат од нив да постапуваат незаконито, ако има соодветни докази во иднина и за нив ќе следат соодветни истраги.
– Заврши времето на како до сега. Заврши тоа време. Секој што сторил криминал ќе одговара, без разлика дали бил експремиер или друго, ќе одговара. Секој еден за кој ќе се најдат докази, ќе одговара. Се што ќе биде пронајдено, како пари, имот, куќи, возила, мотори, злато итн., ќе биде предмет на една кривична постапка која се надевам ќе овозможи соодветна конфискација од страна на судот – порача Тошковски. Додаде дека само во рамки на една процесна правда, каде се почитуваат правата на граѓаните, само така, како што потенцира, можеме да си ја нормализираме државата.
Прашан дали во наредниот период може да се очекуваат други акции, Тошковски рече дека во иднина ќе следат случаи кои ќе покажат борба против особено висока корупција.
– Ја разбирам потребата на македонскиот народ за да види разлика од претходно. Ја разбирам потребата на македонскиот граѓанин дека му е преку глава од лажење, манипулирање и крадење на неговиот буџет. Буџетот на државата е буџет на македонскиот граѓанин. Но, во секоја една европска и нормална држава има правила на игра коишто мора да се почитуваат ако сакаме да кажеме дека сме европјани. Мора да се почитува пресумпција на невиност, мора да се почитуваат сите правила во една доказна постапка, во една предистражна постапка, во една истражна постапка. Не можеме на слепо и без докази да обвинуваме и да отвораме случаи. Но, за секој еден случај каде што има основано сомнение ќе се истражи, ќе се провери, ќе се обезбедат докази и ќе се постапи – рече Тошковски.