Вршителот на должноста премиер Димитар Главчев го потврдил ставот на Бугарија за пристапувањето на Македонија во Европската Унија, соопшти бугарската владина прес-служба.
Како што објави БТА, темата била во фокусот на телефонскиот разговор меѓу Главчев и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во кој двајцата разговарале за подготовката на редовниот состанок на Европскиот совет на 19 декември, со кој ќе претседава Кошта.
-Со неевропско однесување не може да се постигнат европски резултати – нагласил Димитар Главчев.
Тој истакнал дека Бугарија ја поддржува европската интеграција на Македонија, под услов да се почитуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, како и спроведувањето на клучните реформи, поврзани со човековите права, владеењето на правото и добрососедските односи.
Димитар Главчев бил категоричен дека бугарското општество е единствено во однос на оваа тема и дека ниту еден бугарски премиер, без разлика дали е технички или редовен, нема да поддржи став поинаков од тој што официјално го усвои Народното собрание. Премиерот Главчев изјавил и дека Бугарија останува посветена на европската перспектива на регионот, но дека разликите треба да се надминат преку конструктивен дијалог и меѓусебно почитување.
Ситуацијата во Украина, како што навеле од бугарската владина прес-служба, ќе биде во првите редови на дискусиите на лидерите во Брисел при што се посочува дека состанокот ќе биде можност тие да испратат обединета и недвосмислена порака за поддршка на Киев за сеопфатен, праведен и траен мир. Проширувањето на ЕУ, миграцијата, ситуацијата на Блискиот Исток и односите ЕУ-САД, исто така ќе бидат меѓу темите на средбата на шефовите на држави и влади во белгискиот главен град.