Фото: Пекселс

Автор: Д-р Васко Даниловски, невролог

Синдромот на немирни нозе (Restless Legs Syndrome – RLS) е сензо-моторно невролошко заболување кое значајно го нарушува процесот на спиење. Се карактеризира со непријатно чувство во нозете и неконтролирана потреба за придвижување на истите при мирување, со желба да се ослободи од тие непријатни сензации кои се разликуваат по интензитет од лесни чувства на дискомфорт до интензивни болни сензации.
Тегобите се поретки во текот на денот а поизразени навечер, особено при почетокот на сонот. Рано наутро, повеќето пациенти немаат тегоби, па затоа тогаш единствено имаат поквалитетен сон.
Интензитетот на тегобите е различен кај пациентите доведувајќи до различен степен на пореметување на сонот. Проценките се дека од ова заболување страдаат околу 12% од популацијата. Бројот на регистрирани случаи е мал како резултат на недоволно дијагностицирање и погрешна дијагноза како инсомнија, стрес или артритис.
Болеста се јавува подеднакво кај двата пола, на било која возраст. Потешките симптоматски форми на болеста се јавуваат почесто на средна возраст.
Причините за RLS во најголемиот број на случаи се непознати поради што се означува и како идиопатски RLS. Кај 50% од пациентите постои позитивна фамилијарна анамнеза за RLS, што укажува на одредена генетска причина.
Постојат и секундарни форми на RLS:
– кај пациенти со ниско серумско железо (ниска концетрација на феритин) односно анемија. Со корекција на нивото на железо се повлекуваат и симптомите.
– при хронична бубрежна слабост, шеќерна болест, Паркинсонова болест, периферна невропатија…
– При бременост, особено во текот на последното тромесечје
– RLS може да биде провоцирана и од некои лекови како: лекови против повраќање (prochlorperazine, metoclopramide), анти-епилептици (phenytoin, droperidol), антипсихотици, антиалергици и др.
Исто така, кофеинот, алкохолот и никотинот може да провоцираат тегоби кај индивидуи кои имаат склоност за појава на RLS.
Меѓународната Група за RLS (International Restless Legs Syndrome Study Group) има поставено четири критериуми за дијагноза:
(1) желба да се помрднат нозете, поврзана со парестезија или дизестезија
(2) појава на тегоби и нивно влошување при мирување, а кои се губат при активност
(3)постојана моторна подвижност
(4) ноќно влошување на симптомите.
При дијагноза на RLS , потребно е да се направат неколку лабораториски иследувања со цел да се открие постоење на анемија, шеќерна болест, бубрежна слабост… Може да се направи ЕЕГ (други причини за пореметување на сонот), електромиографија (периферна невропатија) и др.

Кај секундарните форми на RLS основно е да се лекува примарното заболување (анемија, периферна невропатија, шеќерна болест …).
Кај идиопатската форма на RLS лекувањето е насочено кон смирување на тегобите.
Се препорачува одреден хигиено-диетески режим на живеење и тоа намален внес на алкохол, кафе и никотин, а зголемен внес на магнезиум и витамини од групата Б. Правилен и редовен временски циклус на спиење, со продолжено утринско спиење (често тегобите ги нема наутро). Кај некои пациенти се препорачуваат физички вежби, како и масажа на нозете.
Генерално болеста е доживотна, со постепена прогресија на тегобите, но и со периоди на ремисија. Со правилна терапија тегобите може значајно да се намалат и да се продолжи периодот на квалитетен сон.