Осумдесет и пет години од објавата на „Бели мугри“
Промоција на книгата „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ од Горан Калоѓера, во превод од хрватски на македонски јазик на Славчо Ковилоски, кој е и автор на предговорот, а во издание на „Македоника литера“, ќе се одржи вечерва, во 19 часот, во изложбениот салон „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје. За книгата ќе зборуваат Славчо Ковилоски и Нове Цветаноски, уредник на изданието. Датумот на промоцијата се совпаѓа со денот на излегувањето од печат на првото издание на книгата „Бели мугри“на Кочо Рацин, односно со 85-годишнината од објавата на оваа знаменита книга за современата македонска литература (на 25 ноември 1939 година во Самобор, Хрватска).
Како што пишува авторот во воведот на книгата, Рацин е неговиот научен предизвик за кого, уште како млад научник, се обидел детално да ги реконструира престојот во Хрватска и неговите дружења со истакнати антифашисти, писатели, уметници и политички другари. Во воведниот дел Горан Калоѓера пишува за Рацин како интелектуалец, поет, романсиер, публицист, критичар, полемичар, собирач на усно народно творештво, односно за неговата биографија, за неговото место и поврзаност со хрватската култура и со Хрватска воопшто. Главниот дел од книгата е анализа на публицистичкиот опус на Рацин, неговата проза, поезија (песни на хрватски/српскохрватски јазик), култната книга „Бели мугри“, песните на Рацин надвор од збирки и поетски циклуси, како и збирката народни песни што ја подготвил Рацин пред својата смрт во 1943 година. На крајот од книгата авторот дава заклучен осврт. Ова е втора книга на Калоѓера за Коста Солев Рацин, првата е напишана на почетокот на неговата научничка дејност.
– Ретко кој македонски поет привлекол толку внимание кај теоретичарите, книжевните историчари и филолозите како Рацин. Рацин беше карпа, брана, првоборец во уметничкиот израз на мајчиниот јазик, потпора и надеж за многумина, пример за идеален револуционер и на крајот жртва. Беше човек визија, предвидел многу историски настани, кои, за жал, се обвистинија. Тој беше најчесното и најчестито нешто што го имаа Македонците во периодот меѓу двете војни – пишува Калоѓера за Рацин.
Според Славчо Ковилоски, делото „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ од Горан Калоѓера е силно, експресивно, набиено со емоции, но и остварување што дава одлична слика за времето во кое живеел Рацин, како и за неговата личност.
– Изнесените анализи и синтези се и тоа како добредојдени за пошироката македонска читателска јавност, а тоа со сигурност важи и за хрватските читатели. Всушност, авторот гради уште еден мост на поврзување помеѓу Македонците и Хрватите, во неговиот препознатлив стил. Тој е директен при соопштувањето на своите согледби и ставови и тоа ѝ дава посебна тежина, убавина и читливост на книгата. На крајот, Калоѓера завршува со констатацијата дека без разлика на временската дистанца и релативно скромниот опус на Рацин, тој и понатаму останува најпознатиот македонски писател во Хрватска. Така ќе завршиме и ние, со констатацијата дека Калоѓера е еден од најпознатите современи македонисти, не само во Хрватска туку и во европски рамки – вели Ковилоски.
Горан Калоѓера (Дубровник, 1951) е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите, надворешен член на Друштвото на писателите на Македонија и почесен доктор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во периодот од 1980 до 1990 година бил прв предавач на курсевите по македонска книжевност и македонски јазик на Педагошкиот факултет во Риека. Основач е и раководител на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека. Докторирал на темата „Македонско-хрватски и хрватско-македонски книжевни врски и допири“ на Педагошкиот факултет во Риека. Тој е меѓу најистакнатите македонисти во Хрватска и на Балканот. Објавил триесет и две книги на книжевно-историски теми, како и стотина научни и стручни трудови од областа на јужнословенската компаратистика. Калоѓера е докажан пријател на Македонија и голем поборник на научната вистина за Македонија, а како научник, славист и македонист ужива висок углед како во Хрватска така и во Македонија. В.Д.