Снимањето на дебитантскиот краткометражен филмот „Мајка“, во режија на Ѓорѓи Лазов, е успешно завршено. Последната клапа падна вчера во општината Кисела Вода, завршувајќи го четиридневниот интензивен процес на снимање, кој се одвиваше на неколку локации во Скопје.
„Мајка“ е интимна семејна драма, која ја раскажува приказната за комплексниот однос помеѓу мајка и ќерка. Наративот добива неочекуван пресврт за време на божиќните празници, кога мајката објавува оглас во весник барајќи маж за повторно да се омажи. Преку емотивна и комична перспектива, филмот истражува теми како што се осаменоста, љубовта, почитта и разбирањето во едно семејство.
Во главните улоги се истакнатите актери Наташа Петровиќ и Соња Михајлова, а актерската екипа дополнително ја збогатуваат Слободанка Чичевска и Ивица Димитријевиќ, како и дебитантката Јована Синадиноски, која за првпат се појавува на филмската камера. Продуцент на филмот е Александар Арсовски, директор на фотографија е Никола Марковски, додека мајстор на светло е Сашко Стојановски Меанџи. За костимите се погрижи Жаклина Крстевска, сценограф на филмот е Дејан Ѓошевски, а шминката и фризурата беа во рацете на Стефанија Илиевски, монтажер на филмот ќе биде Димитар Спирковски, а снимател на звук и микс Горазд Радевски.
– Снимањето на „Мајка“ беше неверојатно искуство, благодарение на посветената екипа и талентираните актери. Иако беше предизвикувачки да се заврши во краток временски рок, успеавме да ја доловиме емоцијата што ја посакувавме. Очекувам дека оваа приказна ќе допре до срцата на публиката и ќе предизвика емоции и размислувања за односите во едно семејство – вели режисерот Ѓорѓи Лазов.
Филмот е реализиран со финансиска поддршка од Агенцијата за филм, како и со сопствени инвестиции на продуцентот и продукциската куќа „Скорпион филмс“, но и партнерски фирми пријатели од Хрватска. Премиерата ќе биде во текот на 2025 година.