При предвидувањето на можните ефекти од претстојниот втор претседателски мандат на Доналд Трамп голем број светски медиуми поитаа да изнесат негативни сценарија што тие ги очекуваат речиси во сите сфери на глобално ниво. Никој не е поштеден од пласираните мрачни приказни што служат за заплашување како за мали и лековерни деца со измислено чудовиште.
Замислете, видовитите, самопрогласени „најверодостојни“ медиуми, во своите мрачни прогнози веќе со сигурност тврдат оти враќањето на богатиот бизнисмен во Белата куќа ќе предизвика големи проблеми (?!), пред сѐ во глобалната економија (преку можни трговски војни), како и на геополитички план (со нагла промена во надворешната политика на САД)?! Со месеци пред американските претседателски избори можеа да се прочитаат написи за тоа што треба Европа и САД, односно светот да сторат за да се подготват за ублажување на негативните последици од новиот мандат на Трамп, доколку тој повторно стане американски претседател. Неверојатна пропаганда и малициозна еднострана медиумска кампања на самопрогласени носители на демократијата во јавниот простор! Зарем ги заборавија професионалните принципи на новинарството? Зарем сиве изминати години ги накалемија на здравото стебло на новинарството своите хибриди, искривувања, политикантства, пропаганда и перење мозоци, со пишувања и прилози ставени во функција на една и само една страна?! Неверојатно!
Сепак, рака на срце, во таквите приказни очигледно не поверуваа американските гласачи, од кои огромно мнозинство реши да му даде поддршка на Трамп, при состојба на длабока поларизација во тамошното општество, како и на значително опаѓање на животниот стандард, со верба дека токму тој може да ги реши проблемите што ги измачуваат. Се покажа дека токму работничката класа ги поддржа Трамп и Републиканската партија, вклучувајќи ја клучната поддршка од афроамериканската и хиспанската заедница, земајќи ја предвид економијата како најважно прашање.
Од друга страна, противкандидатката на Трамп, Камала Харис, можеше да смета на поддршката на Холивуд, односно на актерите Роберт де Ниро, Том Хенкс, Џорџ Клуни, Харисон Форд…, на славните водители Опра и Џими Кимел, како и на цела постава од најголемите музички ѕвезди на денешницата, Тејлор Свифт, Бијонсе, Лејди Гага, Ријана… Листата оди во недоглед. Но, нивното јавно залагање се покажа како недоволно за да ѝ помогне во изборната трка, бидејќи американскиот народ не можеше да се поистовети со нив. Сега останува да се види дали некои од славните поддржувачи на Харис ќе ги исполнат ветувањата за иселување од САД во случај на победа на Трамп, поради што се предмет на потсмев во јавноста.
А познатиот комичар и актер Роб Шнајдер, кој беше меѓу јавните личности на страната на Трамп, ги прозва токму Кимел и Опра, како дел од богатата либерална елита што се изјасни во полза на Харис, велејќи во обраќањето до Кимел: „Ти и Опра сте богати и летате со приватни авиони, па ако цените на храната пораснат за 26 отсто, тоа воопшто не влијае на вас или на вашето семејство. Ако цената на авокадото се искачи на пет илјади долари, ти и Опра би јаделе гвакамоле (салата чија основа е авокадото – н.з.) од пет илјади долари“. Американскиот бизнисмен и основач на порталот „Барстул спортс“, Дејв Портној, пак, посочи дека „демократите не му дале избор на американскиот народ, водејќи ја најлошата изборна кампања на чиста ароганција и морална супериорност, што ги одвратила луѓето од нив“.
Силната поларизација на американското општество и острата политичка реторика во текот на изборната кампања беа испреплетени за да ја тестираат способноста на Америка да ги заштити своите политички претставници (Трамп беше цел на два обида за атентат во текот на изборната кампања) и институции. Американскиот претседател во заминување Џо Бајден ги нарече поддржувачите на Трамп „ѓубре“, додека двата спротиставени табора разменија меѓусебни обвинувања дека се „фашисти и нацисти“, како и разни други навреди. Но по изборната победа на Трамп, забележливи се обиди за смирување на тензиите, иако западните мејнстрим-медиуми предупредуваат дека Трамп ќе се зафати со политички реваншизам кон противниците. Бајден јавно истакна дека ѝ укажал на неговата администрација да соработува со Трамп за да овозможи мирно предавање на функцијата, a сличен помирувачки став изрази и Харис, на што Трамп реагираше со благодарност.
За разлика од неговиот прв мандат, кога беше ограничен од естаблишментот, овој пат Трамп има појасна визија и планови за пошироки политички промени, како и позиција на моќ за нивно спроведување, откако републиканците ја воспоставија т.н. „вашингтонска трифекта“ на целосна власт, по неговиот избор за претседател и стекнување мнозинство во двата дома на Конгресот.
Трамп веќе најави не само отстапување од неолиберализмот туку и напуштање на т.н. разбуден либерализам. Во неговиот втор мандат се очекуваат големи промени во трговската политика на САД, во однос на климатските прашања, енергетиката и имиграцијата, како и спроведување на најголемата операција за трансформирање на американската економија, пред сѐ преку продолжување на даночните олеснувања. Но можеби најважна е неговата определба за мир со јавната заложба за смирување на оружените конфликти во Украина и на Блискиот Исток.
Во одредена мера постои скептицизам поради неговите тврди конзервативни ставови, но определбата за ставање на сопствената држава и народ на прво место е нешто што и ние во Македонија постојано го нагласуваме како потреба кога зборуваме за исполнување на сопствените национални интереси. Секој од нас е далеку од безгрешен, вклучувајќи го и Трамп, но не е во ред да му се суди однапред. Треба барем да му се даде шанса и, се разбира, најмногу да се почитува јасниот избор на американскиот народ и државата, која отсекогаш била никулец и колепка на вистинската исконска демократија.