Мобилната логопедска апликација „Мобилиќ“, која се користи за дигитална обработка на говорот, беше промовирана на македонски јазик викендов во Скопје. Апликацијата на пазарот во Србија се користи три години, а нејзината авторка Марина Рангеловиќ веќе доби државна награда за неа. Нејзината примена се покажала како корисна во развојот на говорот кај децата, па поради добрите резултати во пракса, како и по барање на дел од логопедите од Македонија доби и македонска верзија.
Апликацијата „Мобилиќ“ е интересна и допадлива за децата. Ги забрзува совладувањата на говорно-јазичните проблеми, тешкотиите поврзани со вниманието, концентрацијата, вербалната меморија, учењето, развојот на претшколските вештини. Новата технологија им е далеку поблиска на денешните деца во споредба со времето кога ние бевме мали. Па, така времето поминато со „Мобилиќ“ за децата може да се смета како награда, која на крајот ќе значи успешно одржан третман. Сите знаеме дека мотивирано дете подобро и побрзо учи, затоа, да ја искористиме таа голема бенефиција што ја добиваме со „Мобилиќ“. Апликацијата не може да ја замени работата на логопедите, ниту на родителите, но може да го забрза напредокот, да го направи вежбањето позабавно и да биде достапна каде и да се наоѓате. Може да биде дополнително средство за работа во групни и индивидуални активности во градинка.
За идејата, фунционирањето и целта на „Мобилиќ“ говореше авторката Марина Рангеловиќ. Своите искуства од користењето на „Мобилиќ“ во третманите ги споделија македонските логопетки Ивана Илијоска и Елена Митиќ. Онлајн предaвање одржа Јелена Кудриќ, дефектолог и логопед, на темата „Преку звук, ритам и движење до говор“.
Гласот за македонската верзија го позајми Александра Велинова.