Официјален Хелсинки со остра промена на меѓународната политика по победата на Трамп
По победата на Трамп, Финска веднаш испрати сигнал до Русија дека сака да ги нормализира односите. Новата членка на НАТО-пактот, според финскиот медиум „Илта-Саномат“, инстантно реагираше со „неочекувано изразување политичка волја да ја отвори границата со Руската Федерација“. Во статијата на гореспоменатиот фински весник се тврди дека „Владата на Финска презема за тоа и свои конкретни чекори“. Имено, весникот тврди дека веднаш, за почеток, ќе се отвори еден пункт на границата со Русија. За потсетување, Финска ја затвори границата со Русија, под изговор дека мигранти од Азија пристигнуваат од таму, но практично и поради притисокот од западните сојузници за претстоен „руски воен напад“. Сега, знаци на подготвеност за нормализирање на односите со Руската Федерација дојдоа по победата на Доналд Трамп, кој загриженоста за Украина ќе ја турне во Европа, а тоа воопшто не му се допаѓа на Хелсинки.
Ќе се прекинат и конфискациите на руски имот во Финска
Карактеристично е да се спомене дека само пред една недела, финската влада започна со голема конфискација на руски имот. Конфискувани беа просториите на амбасадите и резиденциите на дипломатите што уживаат дипломатски имунитет. И рускиот центар за наука и култура на Оландските Острови беше конфискуван. Руската амбасада излезе со соопштение дека речиси половина од 45-те конфискации се сопственост на руската амбасада во Финска. На што всушност се должи оваа мерка во Финска? Имено, мерките на финските агенции за спроведување на законот се засноваат на одлуката на Меѓународниот арбитражен суд во Хаг, според која, руската држава мора да плати над пет милијарди евра на украинската енергетска компанија „Нафтогас“ на име отштета на Крим. Бидејќи Русија не го плати надоместокот, украинската компанија поднесе барање за конфискација на руски имот во западните земји, но само Финска реагираше на украинското барање. Со победата на Трамп и заминувањето на глобалистите, Финците најавуваат и промени, односно финската влада, според медиумите, најавува дека ќе ја преиспита и оваа одлука.
„Фајненшл тајмс“: Се отворија дискусии во западните банки за укинувањето на санкциите против Русија
Победата на кандидатот на Републиканската партија, Доналд Трамп, на претседателските избори во Америка предизвика дискусии во западните банки за можното укинување на санкциите против Руската Федерација, пишува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори. „Утринава сите зборуваат за тоа како да тргуваат со Русија и дали ќе бидат укинати санкциите. Трговците во западните банки одеднаш се прашуваат дали сега можат да ја користат руската валута рубља и да тргуваат со неа“, изјави еден менаџер за „Фајненшл тајмс“. Р.С.