Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата поладнево на седница ја изгласа листата на кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. На јавниот конкурс биле пријавени 31 кандидат, но еден кандидат ја повлекол кандидатурата. Пријавените кандидати ќе се борат за седум места во Советот на АВМУ. Од 30-те пријавени кандидати, Комисијата изгласа дека 24 ги исполнуваат условите, а шест не ги исполнуваат условите во јавниот конкурс, затоа што, како што рече претседателот на собраниската Комисија Ѓорѓија Сајкоски, не доставиле уверение за државјанство, кое било еден од условите.
Кандидатите кои ги исполниле условите, на јавна расправа ќе се претставуваат и ќе одговараат на поставените прашања од страна на пратениците.
Условите за член на АВМУ ги исполнуваат Сашо Стефановски, Нафије Селмани, Драгица Љубеска, Миле Бошњаковски, Петар Џуровски, Емилија Петреска Камењарова, Шабан Даљипи, Андријана Скерлев Чакар, Лазо Петрушевски, Зоран Фиданоски, Арбен Саити, Емилија Јаневска, Давор Башоски, Даут Даути, Гордана Мајнова, Виктор Павловски, Владимир Ѓорѓиевски, Елена Стојковска, Зеријета Хајро Јајага, Цветанка Миновска, Виктор Грозданов, Стојанче Наумов, Афрона Верзиволи и Борис Арсов.
Не ги исполниле условите следните шест кандидати – Маријанчо Танушевски, Димитар Мицев, Дарко Стефановски, Селфер Ајдини, Виолета Симова Билбиловска и Владимир Крстески.
На почетокот на седницата, пратеничката на Европскиот фронт Иљире Даути обвини дека повеќето од пријавените кандидати за членови на Советот на АВМУ и се познати на јавноста и инволвирани се во органи или политички партии. Таа ја напушти седницата на Комисијата бидејќи, како што рече, не сака да учествува во политизирањето на оваа институција, која треба да биде независна.
Членовите на Комисијата ја утврдија Предлог-листата за членови на Државната изборна комисија. Комисискиот филтер го поминаа двајцата пријавени кандидати – Ангелчо Ристов од Делчево, дипломиран правник, магистер по административно право и јавна администрација и Светлана Карапетрова од Тетово, дипломиран економист, магистер по економија, финансии, сметководство и ревизија.